Колку заработуваат македонските манекенки?: Џепарлак наместо плата


Македонија има топ-манекен(к)и со круна и без круна кои постојано ни се смешкаат од ТВ-рекламите и емисиите, билбордите, насловните страници, модните писти, саемите, презентациите, музичките спотови. И такви што во Милано и во другите светски модни центри градат светска кариера.

Колку заработуваат и дали нивниот живот е навистина гламурозен како што ни се чини? Дали во Македонија и на Запад се исплаќа да имаш убаво лице и тело?

Како и во светот, најисплатливи манекенски ангажмани се големите кампањи: ТВ-реклами, реклами за весници, билборди, да бидеш хостеса на саеми, водител на презентации и промоции, тврдат нашите соговорници.Најдобро плаќаат нашите големи компании, а тие можат да се избројат на прсти. На прсти можат да се избројат и големите кампањи кои носат профит и за манекените, и за модните агенции, и за клиентот. Овие ангажмани носат месечна заработка над 700 евра. Конкретните бројки зависат од рејтингот на моделот кој снима, од бројот на деновите поминати на снимањето, умешноста на агентот или на манекенот да договори што подобар хонорар. Врз цената влијае и фактот дали е ангажирана една манекенка или повеќе, дали се носителки на кампањата или само статисти. Девојката што е ангажирана во некоја домашна кампања, многу чудно, ќе биде ангажирана и во некоја друга. За клиентот е важен фактот дека веќе провереното убаво лице што носи профит може и нему да му донесе заработувачка. Не случајно околу нас се смешкаат едни па исти лица.Титулата мис е исто така добредојдена.

-Во Македонија доколку се занимаваш професионално со манекенство мора да имаш и друга работа. Причината за тоа е што кај нас не е доволно развиена модната индустрија и што ние сме мал пазар. Поради тоа и хонорарите што ги добиваме не се доволни за да ни биде тоа примарно занимање. Значи, само од таа работа не може да се живее. Висината на хонорарот зависи од работата што ни е понудена. Различен е хонорарот за модна ревија, за видеозапис на песна, за реклама или каталог. Тука има и други работи кои влијаат врз висината на хонорарот, како што се: висината на буџетот за одреден проект, колку лица се вклучени во него, улогата на манекенката, дали во рекламата или спотот се појавува како главен или спореден лик, времетраењето на снимањето и многу други чинители. Кај ревиите, пак, хонорарот е горе-долу речиси ист.

На светската сцена работите стојат поинаку. Таму има многу подобра организација на целокупниот процес, од ангажманот на манекенките до самото фешн-шоу. Затоа и манекенството таму може да се нарече професија. Со самото влегување во модна агенција, тие потпишуваат договори кои се доста платени. Затоа ние правиме споредба на хонорарите што ги добиваат светските манекенки со нашите овде. Со поголемите хонорари и привилегии тие имаат и поголеми обврски, што повторно не се споредува, вели една од најангажираните манекенки кај нас, Ивана Гелева.

 

-Иако сметам дека е непристојно да се зборува кој колку заработува, сепак е важно да се напомене колку е значајно да зборуваме за потребата од некаков систем и како тоа влијае врз животниот стандард на луѓето. Чувствувам и одредена должност, особено за помладите девојки во овој бизнис кои многу често запаѓаат во замка поради недостиг од веќе поставени стандарди. Некој им ја дефинира вредноста според вниманието што им го оддава, а не според признанието. Сè уште во Македонија, ниеден модел не е платен за едиторијал, освен ако не се работи за веќе изработена фотосесија. Едноставно треба да си благодарен што те избрале. Тоа претставува премолчен договор меѓу уредниците, фотографите и дизајнерите. Едноставно не се вреднуваат трудот, времето и енергијата кои многу девојки го вложуваат за нивните креации да станат релевантни и најважно од сè, за нив, да се продаваат. Сите заработуваат освен оние што ги пренесуваат поблиску до граѓаните (купувачите) нивните креации. Воопшто разговорот за наплата не стигнува на маса или пак знаат да го направат тоа преку компензација и слично. Моделите уживаат да ја носат и претставуваат македонската дизајнерска сцена, ама некогаш излегува дека сме само ние оние што купуваат од нашите дизајнери, знаејќи ги нивниот труд и квалитет. Додека пак истото тоа треба да оди во две насоки во однос на вреднувањето.

Надвор од Македонија можеш да заработуваш и да живееш од ова, како и за многу други професии. Меѓутоа, за почеток е важно отворено да зборуваме за овие работи, бидејќи не само што не е фер да искористуваме некој само затоа што не постои систем што ги заштитува, туку со самото невложување во работата на моделите не вложуваме ни во целосниот маркет кој сакаме да го креираме, како креативна сцена. И на крајот, најважно, ние како модели не би требало да соработуваме со оние што не го ценат нашиот квалитет, само така ќе престанеме да вложуваме во постоењето на оваа практика, вели манекенката Сара Миленковска, омилена меѓу креаторите.

Какво е искуството на организаторите на модни настани и сопственици на модни агенции?

-Манекенките што се ангажирани само на македонскиот пазар и претежно за локални брендови или нивни франшизи кај нас не заработуваат големи суми. Со оглед на возраста на манекенките во нашата агенција „Подиум“ (од 15 до 24 години во просек), манекенските ангажмани им се повеќе како џепарлак. Тоа што ангажманите не се постојани туку периодични е дополнителна причина тоа да не им биде единствена професија за егзистенција. Пред да си речете: којзнае колку многу заработуваат моделите во странство, ќе морам да ве разочарам и да кажам дека такви вртоглави суми заработуваат само светски познатите топ модели и тоа најчесто преку спонзорства од големите брендови и компании кои ги рекламираат или се нивни заштитни лица. Просечна манекенка на модните писти во Милано, Париз итн. може да заработи од 100 до 700 евра од ревија. Анонимните девојки кои допрва градат кариера често чекорат по пистите и без каков било надомест.

Секогаш во различни периоди имаме по неколку од нашите манекенки во „Подиум“ кои се поангажирани во однос на другите како Моника Алексовска, Ивана Гелева, Сара Миленковска… За време на Моден викенд – Скопје, во зависност од бројноста на ангажманите, за неколку дена можат да заработат и една (нат)просечна македонска плата. Дизајнерите се тие што избираат кои манекенки или манекени ќе ги ангажираат. Се случува една манекенка за време на тридневниот настан да биде ангажирана 8 до 10 пати, а некоја еднаш или 2 пати. Фотосесиите за некој бренд се движат од 200 евра па нагоре. Некои од нашите девојки се ангажирани и како хостеси на најразлични промоции и деловни настани каде што дополнително заработуваат. Многу често слушаме коментари зошто немаме на писта манекенки од соседството или не гледаме некои познати имиња. Верувајте дека е најлесно да ги донесеме овде, но дизајнерите и брендовите кај нас располагаат со мали или ограничени буџети, вели Марија Илиќ, менаџер за односи со јавност на Моден викенд – Скопје и на модната агенција „Подиум“ од Скопје.

– Кога се работи за хонорарите кои ги добиваат нашите модели, нема правила. Главно зависи од клиентите и од износот што тие го нудат за хонорар. Во зависност од тој износ, ние ја нудиме одредената работа на нашите членови. Тие пак се категоризирани во неколку нивоа, во зависност од нивното искуство, изглед, професионалност. Ако, пак, клиентот бара некој конкретен лик од нашата агенција, тогаш ние ја кажуваме цената за него.Хонорарите некогаш можат да бидат и 500-1.000 денари за ден, но некогаш дневницата знае да биде и 100, 200, па и 500 евра, зависи за што се работи.

Најголемиве цифри се добиваат (главно во странство) кога нашите манекени и манекенки се дел од големи рекламни кампањи за познати брендови, за фотосесии за каталози, календари, едиторијали, билборди, рекламни спотови, модни ревии… Дел сме и од музички спотови со главни и споредни улоги, но и како обични статисти, исто и за долгометражни, краткометражни и документарни филмови. Имаме девојки кои работат и како хостеси на разни промоции и презентации, девојки и момци за делење флаери итн. итн.. Значи, во зависност од работата, која ете е широкоразгранета, се определуваат и хонорарите, а ние како агенција земаме околу 30% агенциска провизија, ни изјави Мики Црнокрак од модното студио „Црнокрак“ и носител на лиценци за Македонија за над 30 меѓународни избори за убавина.

Во Македонија е речиси непознато и незаживеано презентирање на облеката и на модните додатоци по принцип на шоурум (во просторија само за клиентот). Во Милано настапот на шоурум се плаќа помеѓу 250-300 евра дневно, а ако влезете меѓу избраните, работата ви е загарантирана барем 15 дена.

Лејла Сабит    Фото: Борис Грданоски и приватна архива