Кога власта се претвора во алчност: Ќерка на узбекистански диктатор корумпирана „до небо“
Момчето на Гулнара Каримова, ќерката на поранешниот узбекистански диктатор Ислам Каримов, купило луксузни имоти во Лондон вредни повеќе од 17 милиони фунти преку лажни компании, објави британскиот весник „Телеграф“ изразувајќи сомнеж дека зад оваа купопродажба стои можно перење пари.
Рустам Мадумаров, кој е во долга врска со Каримова, купил четири недвижности во Мејфер и Белгравија употребувајќи мрежа прекуокеански сметки. Имотите, од кој еден бил подоцна продаден за профит од 1 милион фунти, се купени преку две компании регистрирани на Британските Девствени Острови.
Сега се поставува прашањето дали можен сопственик на овие пари и имоти е жената која американските дипломати ја нарекоа најомразената личност во Узбекистан.
Во извештај поднесен на 13 септември 2005 година американскиот амбасадор Џон Р. Пурнел ја обвини Каримова за злоупотреба на нејзините владини познанства за да ги уништи и потоа узурпира конкурентните бизниси и со тоа да ја задоволи својата алчност заклучувајќи на крајот: „Јавноста неа ја смета за нешто слично на барон-ограбувач.“
Мадумаров, кој беше обвинет на шест години затвор во 2014 година, заедно со својата девојка се членови на организирана криминална мрежа, според обвинителството во нивната земја. Властите во неколку земји исто така ја истражуваат сопственоста поврзана со Каримова, која инаку е во фокусот на истрага за поткуп од 800 милиони долари, исплатен преку три европски телекомуникациски компании во замена за влез на локалниот пазар во Казахстан во периодот меѓу 2004 и 2013 година.
Американските обвинители побараа замрзнување на 200 милиони фунти на сметки во швајцарските банки, кои се поврзани со две компании контролирани од Каримова. Исто така, американскиот јавен обвинител заплени пари и имот во Белгија регистриран преку неколку нејзини лажни компании.
Оваа 45-годишна моќна жена, додека татко ѝ беше на власт во Узбекистан, уживаше во неверојатен џет-сетерски животен стил. Таа беше пејачка и настапуваше со уметничкото име Гугуша, а паралелно беше именувана за амбасадор на ОН. Каримова се дружела со славни личности како Елтон Џон, глумицата Шерон Стоун и моделот Клаудија Шифер, присуствувала на безброј ексклузивни настани низ Европа и се претставувала како голем филантроп. Во еден краток период била споменувана како можен наследник на нејзиниот озлогласен брутален татко, чија употреба на тортура за да ја задуши опозицијата беше опишана како „систематска“ во извештајот на ОН. Нејзиното можно именување за лидер на земјата наиде на жестоко негодување во нејзината татковина.
Подоцна, Каримова беше лишена од нејзините дипломатски позиции, беше обвинета за прекршоци поврзани со корупција, за затајување данок и за перење пари, и беше ставена во домашен притвор со својата ќерка во главниот град Ташкент. Шпекулациите дека Каримова била отруена беа отфрлени во август годинава, откако беше објавено дека била на сослушување од швајцарски обвинители додека издржувала казна затвор од пет години.
Во 2012 година рачно напишани белешки им биле дадени на новинарите во Шведска, кои потоа ги дале на експерти за споредба со ракописот на Каримова. Еден од специјалистите за кирилично писмо потврдил со сигурност од 75 отсто дека таа е автор на клучен документ кој ја покажува локацијата и сопствеништвото на имоти ширум светот. Истиот тој документ ги има и иницијалите Р.М. како основач и менаџер на четири компании на кои Каримова е бенефициски основач. Се верува дека иницијалите се на Рустам Мадумаров.
Мадумаров притоа е наведен како сопственик на стан во Лондон вреден над 12 милиони фунти, втор стан во близина на стоковната куќа „Хародс“ од над еден милион фунти, на трет стан во близина на Хајд Парк вреден околу 4 милиони фунти, на замокот Шато де Гросе во близина на Париз, како и на апартман во Хонгконг. Тој е и единствен сопственик на компанијата „Ексолајн“, фирма која поседува имот запленет од властите во Хонгконг во врска со истрагата против Каримова.
Еленор Никол, заменик-директорот за корупциски кампањи во организацијата „Глобален сведок“, изјави дека владата во Лондон е решена да го открие патот на валканите пари на пазарот на имот во последниве две години, но досега не успеала да изгласа ниеден закон, без разлика на широката поддршка. „Мора да бидеме упорни и да не дозволиме политиката за Брегзит да нѐ засени“, порача таа.
Британската јавност ги повика поединечно министрите да ја почитуваат заклетвата и јавно да ги објават личностите кои поседуваат имот во Обединетото Кралство кој е купен преку прекуокеански компании – чекор кој Владата вели дека ќе им помогне на истражувачите да откријат криминал. Се најавува и регистар на имотот во Велика Британија, кој исто така ќе го открие сопствеништвото на имотите и трагите на парите инвестирани во нив. Велика Британија во моментов е рај за богаташите од сите страни на Европа и светот кои ја енормно подигнаа цената на имотите во Лондон. Личностите што поседуваат имот во Британија можат да останат анонимни кога го купуваат преку прекуокеанските компании. Овој амандман се очекува да биде дебатиран в среда. (Телеграф)