Книга


ЛЕЈЛА САБИТ

Купена, подарена, актуелна, заборавена, наградена, преведена, неотворена, прочитана, непрочитана, фалена, плукана или критикувана.

Скапа, евтина, ексклузивна, интересна, здодевна, забавна, поучна, лесна, тешка, од срце, од почит, од култура или зашто друго не ни текнува.

Раскажува сѐ или ништо, вистини, лаги, сензации, за тука или таму, за овој или оној, за познати и непознати, измислени или вистински, први дами или господа, уважени или криминалци, добрите ги почестува, заборавените ги воскреснува, остава трага за добро дело или за ужасно злосторство.

Книгите, како и партнерите, може да ве изневерат, да ве изненадат, да ве разочараат кога не очекувате да добиете, кога очекувате да изгубите.

Некои нѐ оставаат слободни, а некои нѐ прават слободни.

Некои треба да се вкусат, други да се проголтаат, а само некои да се изџвакаат и да се сварат.

Како и за сѐ во животот, подобро малку ама добро, отколку многу и лошо.

Како и пријателите, колку што нашето познанство со добрите примероци повеќе се шири, толку потесен станува кругот на оние со кои ни е пријатно да се дружиме.

Некои луѓе ги читате како отворена книга, некои се мистерија, книгата можеш да ја прочиташ ама жената не.

Најдобрите книги не се и најпродавани, шундот сѐ почесто е бестселер, рекламата и звучното име продаваат, квалитетното треба сами да го откриете или да ви го препорачаат.

Чудно, секогаш имаме време за добри чевли, чанта или патување, ама за добра книга, уште помалку за лоша, чекаме плажа за да уживаме.

Шегата стана вистина кога велиме дека е полесно да издадеш книга отколку држава, ама во последно време и државите се издаваат со книги.

За книга никогаш не е доцна, како ни за љубов.

Книгата не прашува за години, како и љубовта.

Затоа, читајте повеќе книги, не само кога има Саем за книги. Добро е за срцето.