Клаудија Кардинале доаѓа на „Браќа Манаки“ во Битола
Италијанската и светски позната филмска актерка Клаудија Кардинале (80) ќе учествува на свеченото отворање на 39 издание Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и во Битола лично ќе и биде врачена специјална златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.
Клаудија Кардинале е со импозантна филмографија од над 175 улоги во филмови, телевизиски серии и краткометражни филмови. Во нејзината богата кариера настапувала заедно со филмските партнери Марчело Мастројани, Берт Ланкестер, Ален Делон и други, соопштија од ИФФК „Браќа Манаки“ на прес конференција во Битола.
– Клаудија Кардинале беше прогласена за една од најубавите 50 жени во филмската историја, во својата кариера има освоено над 35 награди и признанија, а веруваме дека со задоволство во своите раце, на фестивалската сцена во Битола, ќе ја држи и златаната „Камера 300“, истакна Гена Теодосиевска, директорка на ИФФК „Браќа Манаки“.
Организаторите на ИФФК „Браќа Манаки“ информираа дека натпреварувачкиот дел од годинешната програма ќе го оценува стручно жири предводено од Олимпија Митилинау, кинематограферка од Грција.
Фестивалот и годинава е поддржан од општина Битола, затоа што како што рече градоначалничката Наташа Петровска, фестивалот е препознатлив насекаде во светот и гордост на сите битолчани.
– Убедена сум дека фестивалот ќе ни донесе пријатни моменти во кои ќе уживаат битолчани, но и гостите. Верувам дека ова издание ќе биде одлична најава за следното јубилејно 40 издание на ИФФК „Браќа Манаки“, истакна Петровска.
Фестивалот се одржува од 22 до 29 септември.
Претходни ѕвезди кој дојдоа во Битола се и Катрин Денев, Жулиет Бинош, Изабел Ипер, Викторија Абрил и Дерил Хана.