Кеш


ЛЕЈЛА САБИТ

Танго, крупно, ситно, евра, долари, фунти или денари, ви дава моќ, ама може да ве расипe, ви дава слобода, ама може да ве пикне в затвор, да го договарате во четири очи, или да ве прислушува цела нација, намирисаниот да го направи ѓубре, ѓубрето – парфем, светецот ѓавол, ѓаволот светец, паметниот глупав, глупавиот паметен, грдиот убав, убавиот грд, стариот млад, младиот стар, кичот стил, стилот кич, нискиот висок, високиот – низок, и во очите на семејството и пријателите и на јавноста.

Не познава граници, пол и раси, анонимни и славни, чист или валкан, свој или туѓ, заработен, наследен или подарен, гага или со уцена, сите го сакаат, да го имаат во рака, да го почувствуваат, да го намирисаат, да им шушка меѓу прстите, да го трошат, да се фалат, некогаш ви носи функција, некогаш оставка, некогаш ви дава власт, а некогаш ве враќа во опозиција, некогаш среќата трае кратко, некогаш долго, некогаш доживотно, не дај боже да имаш па да немаш, велат поарно е да немаш па да имаш, во банка, под перница или во џеб.

Опеан, насликан, главна тема во филмови, во ТВ-сапуници и во реални сапуници, има моќ на афродизијак, мора да е забавно и сончево во светот на богатите, пееше АББА.

Македонските богаташи се фалат со парите, на Запад не ни знаеш кој е богат, некогаш парите беа благослов, сега се само проклетство.

Кешот си е кеш.

Законски или незаконски, проблем е кога го имаш, проблем е кога го немаш.

Тој што го има му ја мисли, тој што го нема му ја мисли.

Кога го имаш, не знаеш на што да го трошиш.

Кога го немаш, знаеш на што да го трошиш.

Нема пари без здравје.

Нема здравје без пари.

Нема пари без интерес.

Нема интерес без пари.

Нема пари без убавина.

Нема убавина без пари.

Не е сè во кешот, има нешто и во политиката.

Море, сè е во кешот!