„Катимерини“: Три сценарија за парламентарните избори во Грција
Избори во мај 2019, на почетокот на следната година или регуларно, како што е предвидено, во октомври 2019, се трите сценарија што ги анализира грчкиот весник „Катимерини“ во врска со тоа кога во Грција би можеле да се одржат следните парламентарни избори.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во трите сценарија централно место има Договорот од Преспа,
Грчкиот весник, анализата ја започнува со изјавата на грчкиот премир Алексис Ципрас од септември годинава за време на прес-конференцијата на Меѓународниот саем во Солун, кога рече дека основна цел е парламентарните избори да се одржат во октомври 2019, но дека се ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат работите во следниот период.
Според „Катимерини“, доминантното сценарио е избори во мај, заедно со локалните и изборите за Европскиот парламент, а централната оска на ова сценарио е Договорот од Преспа, „кој на крајот од јануари ќе заврши во ПЈРМ и ќе помине на теренот на Грција“.
Весникот го споменува и ставот на коалицискиот партнер во грчката Влада, десничарската партија Независни Грци, дека ќе гласа против ратификација на договорот и ќе ги повлече своите министри.
– Поддржувачите на ова велат дека дури и Владата да најде – што во овој момент изгледа сигурно – мнозинство за да се задржи на власт по иницијатива за гласање недоверба, таа ќе го има загубено „нејзиниот легитимитет“ и затоа господинот Ципрас, ќе треба, во логичен временски период да ја одведе земјата на избори. Негативно за Владата, во овој случај е дека Договорот од Преспа ќе биде уште свеж, со што и ќе влијае на однесувањето на изборното тело во Северна Грција, пишува „Катимерини“.
Избори во октомври 2019, кога и завршува четиригодишниот мандат на Владата, е второто и помалку веројатно сценарио, според „Катимерини“, но и сценарио кое во последно време „освојува терен во Владата“
– Основниот аргумент е дека позитивните мерки кои веќе почнаа да доаѓаат ќе се „зацврстат” во општеството , а граѓаните „во нивниот џеб” ќе го констатираат крајот на меморандумите. Паралелно, фактот дека Панос Каменос, ќе ја напушти Владата на почетокот на годината, неизбежно ќе доведе до реконструкција со „левоцентристички предзнак”, што ќе даде почист „идеолошки“ жиг на Владата, објави грчкиот весник.
Третото, според „Катимерини“, постоечко и реално, но во овој момент слабо сценарио, е избори на почетокот на следната година, веројатно во март, штом биде ратификуван Договорот од Преспа во грчкиот Парламент. Но, и во овој случај, како и во сценариото за избори во мај, весникот вели дека негативното е тоа што ќе биде свеж договорот и незадоволството на граѓаните, особено на оние од Северна Грција, можеби ќе се отслика на изборите.