„Катимерини“: Сценарија за избори во март следната година


Односите на Владата со црквата, позитивните мерки и финансиските придобивки за граѓаните, кризата меѓу Европската комисија и Италија, но и Договорот од Преспа, според грчкиот весник „Катимерини“ се прашањата кои што водат до сплет на околности и ја оставаат отворена можноста во Грција да се одржат предвремени парламентарни избори во март следната година, јави дописничката на МИА од Атина.

-Сценарија за изборно изненадување следниот март произлегуваат од сплетот на објективни факти, но и од постапките и иницијативите на премиерот во изминатиот период, иако Алексис Ципрас цврсто повторува дека негова цел и понатаму е да се исцрпи 4годишниот мандат, пишува „Катимерини“.

Според весникот и Договорот од Преспа и ратификацијата во грчкиот парламент може да биде повод за парламентарните избори во Грција да дојдат порано од планираното. „Катимерини“ споменува дека врз основа на временскиот период споменат од Зоран Заев „уставната ревизија во соседната земја ќе заврши најдоцна во текот на јануари“.

-Според тоа, господинот Ципрас, може да го „поништи“ договорот со господинот Каменос дека прашањето одново ќе го разгледаат во март и (договорот) да го донесе порано за ратификација, со што ќе дојде и до мирен развод со Независни Грци, отворајќи го патот за избори пред мај. Треба да се додаде дека Договорот од Преспа не дозволува големо доцнење во доставувањето на договорот во Парламентот, од моментот кога Скопје ќе го има завршено својот дел со неопходните предуслови, пишува „Катимерини“.

Сценариото за предвремени парламентарни избори, пред одржувањето на локалните и евроизборите во мај 2019, грчкиот весник ги поткрепува и со последните внатрешно политички случувања во Грција: односите на владата со црквата, намерата на владата во февруари следната година да заврши првиот циклус од процесот за уставна ревизија во Грција, имплементација на позитивните пакет мерки наменети за граѓаните.

Грчкиот весник и минатата седмици ги анализираше можните сценарија за терминот за одржување на парламентарни избори во Грција, а и тогаш се споменуваше можноста за избори во март.