Кампања


ЛЕЈЛА САБИТ

Дискретна, нападна, културна, валкана, сериозна, несериозна, скапа, евтина, со порака, за сеир, за патриоти, за идиоти, за зависници од брендови, за пријатели, за инает на непријатели…

Модна, политичка, претседателска, еколошка, за здравје, повеќе за озборување отколку за подигање на свеста.

Некогаш со цел, некогаш без крај, ви ги разубавува или ви ги загорчува животот, работата и кафе-муабетите.

Како жена, сакана или омразена, сè се врти околу неа. Можеш да бидеш за, можеш да бидеш против, можеш да ја игнорираш, ама ви нема спас.

Кратка или долга, добива призвук на сапуница или на трилер, на комедија и на трагедија, со победници, со губитници, со ѕвезди, дебитанти и понекоја старлета, мангупи и фолиранти.

Некој режира, некој финансира, некој игра главна улога, некој статира, некој е во публика, некој оценува, некој е во жири, некој е професионалец, а некој аматер.

Некому кампањата ќе му донесе слава, некому функција, некому власт, некому пари, некому пријатели, а најчесто непријатели.

За некого е нешто неважно, за некого сè битно, за некого егзистенција, за некого престиж, а за некого само да се слика и да го има на ТВ и по социјалните мрежи.

Некоја ќе доживее овации, некоја ќе добие аплаузи, а некоја ќе биде исвиркана.

Кампањите како и филмовите се сведоштво на едно време, често си велиме: се сеќаваш ли, Доли Бел?

Кој учествувал знае, кој допрва почнува, ќе дознае.

За време на кампања, ве демнат опасности и многу непознати.

Или ќе ве однесе до врв или на дно.

Добре дојдовте во Македонија, која не трпи критика ниту за кампања ниту за стил!