Каматите ќе се отпишат ако пратениците не се самораспуштат


Отпишување на камати за старите долгови на граѓаните ќе има само доколку пратениците не се самораспуштат. Предлог-законот треба да се разгледува на собраниска седница по понеделничката седница за уставните измени. Или, како што беше речено на Комисијата за финансирање и буџет, некој нов собраниски состав ќе треба да го гласа законот.

Станува збор за отпис на камати за неплатени комунални сметки, сметки за телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување заеднички простории и за наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, а за кои постојат решенија за извршување издадени од суд заклучно со 1 јули 2011 година и се дадени на нотар или извршител. Комисијата прифати повеќе амандмани на законот, кои беа побарани во јавната расправа.

Така, законот наместо по три месеци ќе важи осум дена по објавување во „Службен весник“ а ќе важи и за сметките за радиодифузна такса. Прифатен беше и амандманот со кој претпријатијата што се во приватна сопственост, а вршат јавни дејности, треба во рок од 10 дена да донесат одлука дали го прифаќаат отписот на камати.

„По позитивна одлука, граѓаните во рок од 12 месеци треба да го платат основниот долг, ќе им биде отпишана каматата, ќе платат 20 отсто од извршните и процесните трошоци, по што ќе им биде одблокирана сметката“, рече Соња Мираковска од НСДП.

Во текот на усогласувањето на предлог-законот, зад кој стојат 90 пратеници и од позиција и од опозиција, биле консултирани и приватни и општински претпријатија, кои искажале подготвеност за отпис на каматите. (А.С.)