Кавадаречка „Фени“ почнува со работа


Кавадаречки Фени Индустри АД – во стечај ќе почне со работа откако Одборот на доверители донесе одлука за склучување договор за преработка на никелова руда на овој комбинат со единствениот понудувач друштвото GSOL, за минимален месечен надомест од 1.200.000 евра, соопшти денеска Одборот на доверители на Фени индустри АД – во стечај.

Одлуката на Одборот на доверители е едногласно донесена на седница одржана на 30 минатиот месец. При донесување на одлуката, како што соопштуваат, воделе сметка за заштита на интересите на доверителите и на вработените во комбинатот согласно Законот за стечај.Ова, посочуваат, посебно се однесува на потребата производствените капацитети што се во сопственост на стечајниот должник и кои влегуваат во стечајната маса, да бидат заштитени од натамошно пропаѓање и намалување на нивната вредност. Нивно ставање во целосна функција ќе создаде услови доверителите да ги наплатат своите побарувања во повисок процент, што е и основната цел на колективното намирување на доверителите во стечајната постапка, наведуваат од Одборот на доверители.

Дополнуваат дека склучувањето на договорот е од исклучителна важност и за вработените кои ќе бидат работно ангажирани, но воедно ќе се спречи (или избегне) дополнително оптоварување на стечајната маса со трошоци на постапка.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев неодамна изјави оти се очекува комбинатот Фени индустри месецов да почне со работа. Една компанија, како што информираше, веќе има уплатено депозит и се преговара како ќе стартува комбинатот.

Откако Апелацискиот суд во Скопје ја отфрли жалбата на компанијата „Кунико ресорсис“ за стечајот во кавадаречкиот комбинат, остана во сила одлуката на велешкиот суд дека фабриката е во стечај.

На седми февруари треба да се одржи испитно рочиште за финансиско -материјалната состојба и извештајно Собрание на доверители.