Колку е опасен опасниот отпад од увоз?


Правилното собирање и транспорт на медицинскиот отпад и зголемениот број приватни здравствени установи се причината поради која континуирано се зголемува количеството ваков отпад што се согорува на „Дрисла“.

Според д-р Михаил Кочубовски, раководител на Секторот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје, болниците се добро обучени за третман на медицинскиот отпад. Една од работите што влијае врз количината е што сега, за разлика од порано, главно се уништува на депонија. Предвид треба да се земе и бројот на болнички кревети.

Нашите здравствени установи, како јавните така и приватните, прописно селектираат медицински отпад. Во секоја установа се прави автоклавирање (стерилизација). Најдобра опција за уништување на овој отпад е печка за согорување која ќе биде по сите стандарди. Сепак, медицинскиот отпад не е голем загадувач во споредба со други капацитети, и плус согорувањето е надвор од Скопје“, вели Кочубовски за „Независен весник“.

Според податоците од депонијата, во 2015 година се согорени 774.886 килограми медицински отпад. Година претходно биле 572.875 килограми, а во 2013 – 566. 588 килограми. Најголем дел, односно 90 отсто, е инфективен отпад. Него болниците го складираат во специјални жолти кеси или кутии. Фармацевтскиот отпад се пакува во зелени, а анатомскиот, односно патолошкиот, во црвени кеси. На нив отпаѓаат останатите десет отсто од вкупниот медицински отпад.

Познавачите велат дека во 2012 година имало идеја медицинскиот отпад да се третира децентрализирано. Целта била да се намалат трошоците за транспорт до „Дрисла“ и да се намали бројот на лица кои би дошле во контакт со овој високоризичен смет. Сега повторно се актуализира ова прашање. Властите велат дека низ земјава има 66 диви депонии и се прават обиди за изградба на регионални. Но тоа ќе повлече и зголемување на комуналиите што ќе треба да ги плаќаат граѓаните, поради што градоначалниците не се воодушевени од идејата на централната власт.

Аерозагадувањето, кое не му дава на Скопје да дише со полни гради, по којзнае којпат го отвори прашањето на депонијата „Дрисла“ на периферијата од Скопје, која единствена во целата земја поседува дозвола за согорување медицински отпад. Додека се чека поставување на водни филтри над половната печка донирана од Велика Британија во 2000 година и поставувањето на новата што треба да се случи во јуни годинава, експертите за животна средина се потсетуваат дека пред изградбата на „Дрисла“ медицинскиот отпад се уништувал во самите болници, но загадувањето на воздухот никогаш не било толку големо како сега.

До 2000 година, односно до изградбата на ‘Дрисла’ и монтирањето на печката, опасниот медицински отпад се уништуваше во самите болници со посебни уреди наречени автоклави. Тогаш вакви уреди поседуваа само Воената болница и уште две-три клиники“, коментираат познавачите.

Нивото на штетните честички во воздухот вчера се намали, градот почна нормално да функционира. Надлежните децидно тврдат дека забраната за увоз на медицински отпад функционира од 2016 година, односно дека од 2013 до 2017 година не е евидентиран, барем не легално, увоз на медицински отпад. Ги објаснуваат бројките на интернет-страницата на Министерството за животна средина каде што најтранспарентно е објавено дека во 2016 година е регистриран увоз на 118.778.95 тони опасен отпад, а во 2015 година, на пример, се апелира „да се подобри управувањето со медицинскиот отпад и сепарацијата на различните фракции на медицинскиот отпад, да се подобри адекватен систем на собирање, транспорт, третман и финалното отстранување на медицинскиот отпад од сите здравствени установи во Република Македонија“.

Медицински отпад не е увезен. Да, увезен е опасен отпад и тоа си стои во извештаите. Тие што го увезуваат мора да имаат потврда дека ќе го обработат, никако не смеат да го складираат. Но, тоа може да биде железо, како што го прави ‘Макстил’ или кога некоја компанија има потреба од некакви хемиски комбинации во процесот на производство или, пак, фирма што се занимава со рециклирање на пластични шишиња не може да најде доволно во Македонија, па увезува…“, појаснува Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина.

Во Македонија нема акредитирана лабораторија што ќе го мери квалитетот на воздухот, но тоа според најавите од Владата ќе се промени бидејќи процесот за акредитација е во тек.

Како што тврдат градските власти, депонијата „Дрисла“ за три месеци ќе добие нова печка за согорување отпад што треба да биде донесена до15 април, ќе има 45 дена рок за поставување и веќе во јуни ќе почне пробно да работи. (С.С.З.-Г.А.)