И Македонија конечно ќе гради државна позиција за името


 

На лидерската средба в сабота во Клубот на пратеници, на која ќе присуствуваат претседателот Ѓорѓе Иванов, лидерите Али Ахмети, Христијан Мицковски и премиерот Зоран Заев, ќе се разговара за резултатите од преговорите меѓу Македонија и Грција, како и за последните предлози на Метју Нимиц кој, пак, според агендата, ќе пристигне во Скопје на 31 јануари, за лично да се увери дали е постигнат внатрешниот консензус.
Од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов информираа дека тема на лидерската средба ќе биде последниот предлог на медијаторот Нимиц. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски потврди дека моменталната клима е позитивна и дека со голема веројатност ќе се постигне внатрешен консензус.
Владата почнала да ја разгледува и анализира рамката за решение за името што ја преставил Нимиц на последната рунда преговори, додека кабинетот на министерот за надворешни работи Никола Димитров е во координација со кабинетот на шефот на државата, така што средбата меѓу државниот врв и лидерите на поголемите политички партии треба да се случи наскоро, велат од Владата.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека ќе присуствуваат на лидерската средба, со цел одблиску да се запознаат со предлозите на медијаторот.

„ВМРО ДПМНЕ ќе присуствува на координација околу процесот на преговори во врска со проблемот што Грција го има со името на Македонија. Партиска делегација ќе учествува на разговорите закажани за сабота, на кои ќе присуствува и претседателот Иванов“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Ова ќе биде прва лидерска средба на која ќе присуствува новоизбраниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

Неофицијално, партиски извори брифираат дека на средбата очекуваат првпат да слушнат до каде е процесот на преговори бидејќи, како што тврдат, за сите информации и шпекулации дознавале преку медиумите. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, во интервјуто викендов за „Независен весник“ изјави дека Владата го држи процесот нетранспарентен.
„Нашиот став поврзан со евентуалната промена на нашиот Устав, а со цел промена на уставното име, е јасен и по тоа прашање е непроменет. Ги охрабруваме владите на Македонија и на Грција да изнајдат достоинствено решение кое не би го нарушило македонскиот национален идентитет и конечно да се стави крај на ова прашање“, рече Мицковски.

Од ДУИ кусо оценија дека оваа лидерска средба ќе биде само координативна и на неа треба да се усогласат ставовите на политичките партии околу предлогот на Нимиц.
Од Алијансата за Албанците побараа и Зијадин Села да учествува на средбата, кога МНР веќе ја поканила македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, а во име на внатрешниот консензус.
„Али Ахмети ја нема легитимноста на Албанците за да зборува во нивно име. Тој на заедничката маса на која ќе се разговара за предлозите за името може да ги претставува само членовите на ДУИ“, изјавија од Алијансата за Албанците.
Дел од аналитичарите сметаат дека лидерската средба е неопходна и се случува во вистински политички момент за Македонија. Политичкиот аналитичар Џенис Сулимани изјави дека сѐ додека албанските опозициски партии имаат внатрешни проблеми и се расцепени, Ахмети на заедничката маса на лидерите е легитимен претставник на Албанците.

„Важните државни ситуации, како што во овој случај е прашањето со името, ја наметнуваат неопходноста за координација меѓу државниот врв и лидерите на политичките партии. Затоа и оваа лидерска средба меѓу Иванов, Мицковски, Ахмети и Заев ќе покаже до каде е државната политика и дали тие лидери се спремни да ја докажат нивната визија за иднината на земјата. Ако се земат предвид последните изјави на државниот врв и изјавите на лидерите на политичките партии, лично не сум оптимист дека ќе има позитивно поместување или зближување на нивните ставови. Нашите лидери, историски гледано, во главни моменти немале храброст за важни одлуки. Што се однесува на прашањето дека само Ахмети од албанските партии е повикан на таа средба, мислам дека е многу легитимна одлуката. Другите партии и коалиции имаат проблем со раководството и тие партии се занимаваат со проблемот за лидерството. Нивните печати и канцеларии станаа дувло за расчистување на внатрепартиски сметки. И во овие случаи, и да сакаш да ги поканиш, ја немаш нивната адреса или имаш две адреси. За жал, во политиката важни се бројките, а Алијансата и Беса дури и заедно ги немаат бројките на ДУИ во законодавниот дом“, изјави Сулимани.

Блерим Исмаили