И доктори ќе се справуваат со сексуалното насилство


Вкупно 60 здравствени работници досега се обучени да се справат со сексуалното насилство врз жени. Обуките ќе продолжат и годинава, а ќе се отворат и три центри за жените жртви: еден на Клиниката за гинекологија и по еден во болниците во Куманово и во Тетово.
Со тоа и здравствениот систем се вклучува во борбата против родово базирано насилство, на што Македонија се обврза откако ја потпиша Истанбулската конвенција.

– Во наредниот период здравствените работници ќе добијат специјализирани обуки на тема „Насилство врз жени“ и „Клинички менаџмент на силување“. Министерството за здравство, како еден од клучните чинители во оваа сфера, подготвува протокол за обезбедување сеопфатен третман и нега при сексуално насилство – најави министерот за здравство Венко Филипче.

Центрите во кои ќе се упатуваат жените и девојките целосно ќе бидат опремени и оспособени за пристап на лицата со физичка попреченост, како што пропишува Конвенцијата.Во следните неколку години се планира да се отворат вакви центри насекаде низ Македонија.