И децата во калта на кампањата


Кандидатот на Алијансата на Албанците и Движењето Беса на претседателските избори, Блерим Река, го доби редниот број 1 на гласачкото ливче на претстојните избори. Зад него е единствената жена во трката – кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова. Ждрепката во Државната изборна комисија сакаше под реден број 3 да биде кандидатот на СДСМ и владејачката коалиција Стево Пендаровски.

Силјановска-Давкова и Пендаровски се дебело навлезени во кампања, иако таа официјално почнува на 1 април. Сега од двата табора кои веќе поминаа десетици градови велат дека ќе прикочат. Ќе влезат во бокс, па потоа од денот на шегата со полн гас сериозно до целта. Членот на ДИК, Борис Кондарко, во име на целата комисија ги замоли претседателските кандидати, партиите и граѓанските здруженија и активисти кои ги поддржуваат да бидат одговорни и да ги почитуваат правилата од Изборниот законик.

„Севкупната слика за изборниот процес и за нашата држава зависи од тоа како ќе се спроведат овие избори, затоа ги повикуваме сите, но пред сè кандидатите за претседател во овој период пред почетокот на кампањата, но и за време на кампањата, строго да се придржуваат, да бидат одговорни и сериозно да се однесуваат кон сите пропишани правила во изборниот законик, кои се однесуваат на предвремено почнување на кампањата. Повикуваме и замолуваме за коректна, чиста позитивна европска кампања“, рече Кондарко.

Тој им го изрецитира и член 69 од Изборниот законик кој дефинира што значи предвремено започната кампања. Кандидатите, според политичките посматрачи, досега го користеа правниот вакуум. Законска пречка за себепромовирање не постои, бидејќи официјално тие завчера станаа кандидати со пријавувањето во ДИК, иако, како што нагласуваат, има држави во кои кандидатите се сметаат за официјални од моментот кога се номинирани и од тогаш им започнува кампањата, но и финансиските контроли.

Финансирањето на партиите, евентуалното незаконско користење на буџетските средства и човечки ресурси во кампањата, ќе биде во фокус и на Антикорупциската комисија пред изборите. Мешањето на државата од партијата е главен предизвик и пред овој изборен циклус.

„Според законот имаме обврска да ја следиме изборната кампања и да го следиме финансирањето на политичките партии. Веќе преземавме една активност, испративме барање до сите јавни институции да ни достават список на нивните службени возила, по марка и по регистрација да изготвиме една база на податоци со сите службени возила која ќе ја ставиме на нашата веб страница и која ќе можат да ја користат и невладините организации. Намерата е да спречиме незаконско користење на буџетски капацитети, во случајот службени возила имајќи предвид информација од претходни изборни кампањи дека во најголем број случаи се злоупотребуваат службени возила”, вели Билјана Ивановска, претседателката на Антикорупциска, во интервју за Радио Слободна Европа, што во целост ќе се емитува викендов.

Ивановска најавува дека поради досегашното искуство во кое се злоупотребувале и човечките ресурси, односно вработените во јавната администрација, Комисијата ќе прави и ненајавени проверки на листите за евиденција на одење и доаѓање од работа, и на тој начин во ризичните институции ќе се врши проверка дали некој од вработените учествувал во изборните кампањи за време на работа. Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, пред извлекувањето најави дека со претставниците на партиите ќе потпишат Кодекс на однесување и оти со тоа апелираат на фер и коректно политичко натпреварување.

Кодексите не се новина, напротив тие се дел практично од сите изборни циклуси. Но она што е напишано во нив останува мртво слово на хартија, а во реалноста се користат сите расположливи средства да му се нанесе непоправлива штета на политичкиот противник, оценува експертската јавност.

Неколку часа пред Силјановска-Давкова да стане и официјално кандидат за претседател, со што, како што рече, престануваат нејзините активности на социјалните мрежи до 1 април, на Твитер беше објавена фотографија од нејзиниот син Павле како свири кавал во Градскиот парк, собира некоја паричка како доброволен прилог кој потоа го давал на дечиња.

Таа предизвика бура од реакции на социјалните мрежи – позитивни со поддршка, но и негативни. Не требаше да помине многу време на социјалните мрежи да осамнат и слики од внуката и ќерката на македонскиот премиер Зоран Заев, со кои се алудира на нивниот луксуз, наспроти скромноста на синот на Силјановска.

Атмосферата дополнително ја потпали професорката Мирјана Најчевска која праша: „А каде е вработен синот на Силјановска? Во некој управен одбор беше? Или некое директорско место? Некои рудници да не беа? Или Силјановска нема поим, исто како што немаше поим и за сопругот и фри-шоповите? И не драга моја Силјанице, не може да бидат оставени на мира. Ако си се впуштила во трка за претседател ќе ти биде извадено сè на виделина и сите проблеми и сиот валкан веш и сите грешки кои си ги направила и проблемите во семејството (болести, психотропни супстанции и сл.)“, напиша Најчевска.

Според неа кога станува збор за функција која може да има огромно влијание врз голем број луѓе и за квалитетите на човек кој може да ги загрози основните права на голем број луѓе јавниот интерес во голема мера го ограничува правото на приватност на тој човек.

„Не станува збор за обичен граѓанин туку за човек кој ќе има имунитет кој го нема ниту еден граѓанин. Не станува збор за професорката Гордана Силјановска туку за кандидат за претседател кој во вонредна или воена состојба може да ја концентрира целокупната власт во свои раце. Не треба да ги штитиме и штедиме кандидатите за претседател туку да ги откриеме сите нивни мани и слабости со цел да го избереме оној со најмалку мани и слабости“, појаснува Најчевска.

На својот фејсбук-профил реагираше и Силјановска-Давкова, нагласувајќи дека како граѓанин и уште повеќе како професор, уште пред да влезе во претседателската трка, знаела дека кампањата ќе биде валкана.

„Знам дека за политичките страсти понекогаш нема ни врв ни дно; свесна бев дека со стапување на политичката сцена на удар ќе бидам изложена не само јас, туку и моето семејство. Хајката од вчера продолжува со удари врз децата. Ова не е првпат да ми се случи она ‘да ја дискредитираме Сиљаница, ако треба и со удирање по децата’. Издржав тогаш, ќе издржам и сега – но, нема да паднам ниско да враќам на ист начин. Се натпреваруваме како личности, но и со програми, да ги оставиме децата на мир, и нашите и туѓите“, порача Силјановска.

Овој последен пример, според експертската јавност, е само доказ дека општиот тон на кампањата ќе биде исклучително остар, особено на социјалните мрежи.

„Тоа што се случува и ќе се случува и натаму на социјалните мрежи меѓу поддржувачите на кандидатите за претседател не може да се контролира. Нема некој кој би рецензирал нечиј став срочен на начин кој ги преминува границите на пристојноста. Јас лично не сум поборник на концептот да се извади сѐ што е лично на јавната сцена. Но, тоа не е проблем само кај нас, се случува насекаде во светот. Влогот е огромен во политичките трки“, вели професорот Илија Ацески.

Но она што  најмногу загрижува во моментов, според него, е што наместо помирување се случува продлабочување на поделбата во општеството по клучните магистрални правци на државата.

„Навистина не знам како кандидати за претседател ќе успеат да ја доведат кампањата на прифатливо академско ниво, какво што во неколку наврати најавија. Јас, барем досега, не видов никаков покрупен исчекор во настапите на Пендаровски и Силјановска од она што во континуитет го прават партиите што ги подржаа. Двата табора сериозно работат на компромитација на противкандидатот. Допрва ќе следат шок-бомбите. Во една таква игра на сè или ништо не сум баш сигурен дали Силјановска психолошки ќе издржи. Пендаровски е во предност, бидејќи тој дел е далеку поизверзиран и поискусен“, смета Ацески.

Негативна кампања на која, како што вели, македонската јавност очигледно повторно ќе биде сведок, според него, е причина се поголем број луѓе, особено помладите да се дистанцираат од политичките случувања. „Тоа го забележувам и кај моите студенти на факултетот. Тие не се неопределени гласачи, туку се во опасен расчекор. Дополнително се притиснати и заморени од контаминираниот јавен дискурс. Често од нив може да слушнете дека сите отишле предалеку и дека не сакаат да бидат дел од тој филм. Тоа треба да нѐ подзамисли сите“, вели Ацески.

Наум Котевски