ИФФК „Браќа Манаки“-Битола се подготвува за свеченото отворање


Триесет и деветото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола в сабота ќе почне со перформанс кој за свеченото отворање го подготвува познатиот македонски режисер Срѓан Јаниќијевиќ.

Од ИФФК „Браќа Манаки“-Битола информираат дека во перформансот ќе учествуваат Јелена Јованова и Ивана Коцева, музиката е на  Надежда Рубен, аранжманот на Андреја Наунов, пијано изведба на  Дуња Иванова, стихови подготви Јовица Ивановски, светло Илија Тарчуговски, а костимографијата е на Лидија Георгиева.

– Низ едноставен, минималистички пристап сакаме да ве прошетаме низ сонот на филмот, низ чувствата што што сме ги поминале, и оние кои допрва ќе следат. Да ја растуриме и одново создадеме сложувалката на филмската магија. Да и се насмееме и расплачеме на онаа уметност што не смее и расплакува,  вели режисерот Јаниќијевиќ.

По свеченото отварање, премиерно ќе биде прикажан краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов Изи, а веднаш потоа, во чест на годинешниот лауреат на Златна камера 300, оскаровецот Роџер Дикинс, ќе биде прикажан филмот „Истребувач 2049“.

Годинава, ѕвезда на фестивалот е италијанската филмска дива Клаудија Кардинале.