„Исцелител“ од вечер ќе се прикажува во Атина
Во присуство на режисерот Ѓорче Ставрески, вечер од 21 часот во атинското кино „Трианон“ ќе биде прикажан филмот „Исцелител“, јави дописничката на МИА од Атина.
По вечерашната проекција присутните ќе имаат можност да разговараат со режисерот Ставрески за неговата „Тајна состојка“ како што е грчкиот наслов на „Исцелител“. Филмот што го освојува светот потоа ќе продолжи да се прикажува во атинските кина.
Во Грција беше и светската премиера на филмот – на 58. Меѓународен филмски фестивал во Солун во ноември минатата година. Филмот е прва македонско-грчка копродукција и прв наш филм со награда од публиката на солунскиот фестивал.
За прикажувањето во атинските кина подготвени се плакати и трејлер за филмот.