Исплатите на хонорари, кирии и на дознаки во застој


Проблеми на стартот на новиот електронски систем за пресметка и плаќање данок. Се прават редици во Управата за јавни приходи (УЈП). Дел од корисниците на електронскиот систем сѐ уште имаат нејаснотии околу неговото функционирање, а дел од даночните обврзници немаат ниту креирано електронски профил, кој сега е задолжителен. Некои граѓани, пак, воопшто ги нема во системот. Генерално, исплатите по повеќе основи во државата се во застој.

Од 1 јануари годинава почна да се применува електронската даночна пријава со која фирмите и граѓаните имаат обврска електронски да ги поднесуваат пресметките до УЈП.

– Воопшто не се појавувам во новиот систем и не можат да ми бидат исплатени пари од дополнителни услуги. Во контакт-центарот на УЈП ми рекоа дека треба лично да се јавам на нивните шалтери за да ме регистрираат. Проблемот бил од техничка причина – вели едена госпоѓа која ја затекнавме пред регионалната дирекција на УЈП во Скопје.

Меѓу граѓаните што имаат проблем се и земјоделците кои не можат да го наплатат издавање под закуп земјоделско земјиште.

– Треба да бидам регистриран електронски за да платам за закуп на земјоделско земјиште. Не знам како функционира системот. Ова е ново за нас земјоделците. Дојдов во УЈП за да ми кажат како треба да се регистрирам -вели еден земјоделец што чекаше ред на шалтерот во Управата.
Сметководителите, пак, преку кои фирмите вршат исплата на хонорари, велат дека иако се регистрирани, системот не функционира.

– Има застој. Системот некогаш функционира, а некогаш не можам ниту да се приклучам ниту, пак, да доставам барање за исплата на средства – вели еден сметководител од Скопје.

Од Управата за јавни приходи уште на стартот на новиот систем алармираа дека електронската регистрација е задолжителна и што поскоро треба да ја направат граѓаните што издаваат станови или деловен простор под кирија или, пак, остваруваат некој месечен приход од други граѓани за извршени услуги или, пак, имаат примања од странство.

Од УЈП сепак тврдат дека новиот електронски систем функционира, но како и кај секоја новина се јавуваат одредени проблеми што се решаваат во од.

– Станува збор за новина што е целосно различна од претходното и станува збор за електронски услуги. Бидејќи е новина ќе има многу прашања на кои ние тековно одговараме и ги решаваме“, вели, Весна Новаковиќ од УЈП и додава дека Управата има тимови за поддршка на корисниците, а достапен е и инфо центарот и се одговара на сите прашања.

– Од голема корист ни е и комуникацијата и искуството од користењето на системот и дојавите што ги добиваме од даночните обврзници, бидејќи навремено може да преземеме мерки за да се расчистат одредени состојби и да обезбедиме непречено функционирање на системот – потенцира Новаковиќ.

Од Управата велат дека проблеми во системот се нормална појава за секоја новина што се воведува и тврди дека нема посериозен проблем на новиот систем Е-персонален данок.

Согласно измените на законот, кои стапија во сила на 1 јануари годинава, сите пресметки за персонален данок на доход мора електронски да се пријават во Управата, најдоцна до 10 во месецот за исплати за претходниот месец.

Потоа Управата ги одобрува трансакциите и испраќа обработен образец, кој го пополнува работодавачот и истиот се поднесува за исплата на парите. Измени има кај рокот за плаќање персоналец, кој сега истекува на 15 во месецот, по остварување на приходите.
Исто така, кога се врши уплата од физичко на физичко лице, примателот на приходите е должен до 10 наредниот месец да поднесе пресметка до УЈП, а до 15 да го плати персоналецот.

Измени има и кај физичките лица што работат за странска фирма. Нив приходите им стигнуваа на девизна сметка. Сега примателот ќе мора прво да поднесе образец до УЈП, до 15 во месецот да го плати персоналецот – или ако странската фирма го плаќа – да поднесе договор за да не дојде до двојно плаќање на данокот.

Со овие измени начинот на исплаќање на хонорари се изедначува со постапката за исплата на личен доход, со таа разлика што не се плаќаат придонеси, туку само персоналниот данок.

Александра Спасевска