Интервју со Џозеф Вилијамс, пејач на „Тото“: Скопје ќе ги слушне најголемите хитови


Џозеф Стенли Вилијамс (57), или во светските музички кругови познат како Џо Вилијамс, пејачот на американскиот бенд „Тото“ во интервју за „Независен весник“ вели дека е возбуден што првпат во својата кариера ќе настапат во овој дел од Земјината топка. Концертот на „Тото“ во организација на „Авалон продукција“ ќе се одржи на 5 март во Вип-арената „Борис Трајковски“.

„Тото“ е бенд кој музичката јавност го карактеризира како еден од најдобрите во музичката индустрија, а членовите ги нарекува „Кралеви на живата свирка“. Тргнуваат на голема светска турнеја која опфаќа 40 земји, насловена „40 патувања околу Сонцето“ (40 Trips Around The Sun), со која одбележуваат 40-децениска работа, а во исчекување сме и на нов студиски албум на кој треба да бидат ремастерирани и некои од старите хитови.
Вилијамс е инспиративен лик, кој е активен во повеќе сфери во музиката. Освен тоа што најмногу го поврзуваат како пејач на „Тото“, тој е и композитор на филмска музика. Зад себе има и десетина соло-албуми и проекти. Можеби информацијата дека токму тој го пее делот на Симба во цртаниот филм „Кралот лав“ е помалку позната, но за таа приказна вели дека е најспонтаната соработка што му се случила.
Разговорот со Џо Вилијамс го водевме преку телефонска врска, и по полчасовен обид да воспоставиме контакт меѓу Македонија и Калифорнија, конечно се поврзавме.Пријателски расположениот музичар со задоволство прифати да оговори на нашите прашања.

Како се чувствувате утринава?
– Одлично, бев известен дека имам закажано интервју, па го очекував вашиот повик. За што би сакале да поразговараме?

Да почнеме со тоа дека првпат „Тото“ ќе гостува во Скопје, какви се вашите очекувања?
– Очекуваме да направиме одлична свирка и ќе дадеме сѐ од себе за тој концерт да биде еден убав момент за секој од присутните и да остане како убаво сеќавање.

Во бендот се вклучивте во 1986 година, како се одвиваше тој процес?
– Беше фантастично. Ги познавав сите членови од претходно, па процесот на интеграција во бендот ми одеше лесно, бев комфорен. Но, од друга страна, ми беше чудно дека треба сега јас да ги пеам сите тие големи хитови. Имаше помешани емоции, но сѐ испадна добро. Првата турнеја откако јас им се придружив ни беше низ Европа и тоа беше моја прва турнеја воопшто. Потоа бевме во Азија, поточно Јапонија и уште неколку настапи во САД. Добро ги паметам тие денови бидејќи за мене значеа многу.

По неколку годишна пауза од „Тото“, повторно се вративте во бендот во 2010 година. Што беше променето?
– Да се биде во бенд е исто како да си одговорен за фамилија, семејство, сѐ се работи тимски. Кога се вратив повторно со нив, сѐ ми беше познато, но и различно. Сите веќе бевме созреани и тоа враќање во бендот го сфатив како многу сериозна задача. Ние сме како браќа, многу долго се знаеме и добро се познаваме кој каков е, а тоа е многу важно.

Како ја гледате 40-годишнината на бендот?
– Тоа е едно признание за бендот дека успеал да заокружи четири успешни децении. Навистина ми е драго што го прославувам тоа со моите драги колеги и пријатели.

Во текот на кариерата работите во повеќе правци од музиката, филмски композитор, соло-изданија, вокалист… Која е вашата комфорна зона?
– Музиката ја сакам во која било форма. Во детството израснав во музичкото студио на татко ми Џон. Тој е композитор кој и ден-денеска во неговите поодминати години знае да помине цел ден во студио и да компонира музика. Секој дел во кој се вложувам го ценам и се вложувам со голема сериозност.

Како дојде до тоа да го пееш Симба во „Кралот лав“?
Беше навистина спонтано, една од најспонтаните работи кои ми се случиле, но приказната е интересна. Еден мој пријател застана на чело на „Дизни“, па ме замоли ако можам во нивното студио да снимам еден дел од „Аладин“. Ми звучеше интересно и го снимивме делот, на сите им се допадна освен на директорот, па не ја добив работата. Една од причините поради кои ми се јавија е што јас добро имитирам гласови на луѓе. Тоа е и мојата прва работа, правев стендап-шоуа каде што имитирав туѓи гласови. Кога ми го пратија гласот од актерот што го зборува ликот на Аладин, го проучив добро и во пеењето се трудев да звучам како него, но и да биде добро отпеено. Една година подоцна повторно ми се јавија за да пробаме да снимам пеење за новиот цртан филм кој го подготвуваат со наслов „Кралот лав“. Излезе одлично и го употребија во филмот. Ми платија соодветно за моето пеење, но никој ми ги признава заслугите за тоа. Подоцна, кога се појави филмот во кино, заедно со жена ми бевме да го гледаме и бев навистина радосен што пеам во филмот.

Ќе изведете ли некои од старите хитови на концертот во Скопје?
-Секако! Со оваа јубилејна турнеја ќе го изведеме најдоброто од „Тото“.


Музиката им е семејна традиција
Родителите на Џо се исто така музичари, неговата мајка Барбара Руик беше позната американска актерка и пејачка, а неговиот татко Џон Таунер Вилијамс, кој ја живее 85. Година, е познати композитор, диригент и пијанист.
Џон е автор на најпознатите филмски композиции во кинематографската историја, вклучувајќи го и серијалот „Војна на ѕвездите“, „Џоус“, „Блиските средби на третиот вид“, „Супермен“, „Е.Т. – Екстра терестријал“, серијата „Индијана Џонс“, првите два дела од „Сам дома“, како и првите два дела од „Паркот Јура“, „Шиндлеровата листа“ и првите три филма на „Хари Потер“.
Тој има освоено 24 награди „Греми“, седум британски филмски награди, пет награди „Оскар“ и четири награди „Златен глобус“.
Со 51 номинација за „Оскар“, Вилијамс е вториот најомилен лик по Волт Дизни.
Во 2005 година, Американскиот филмски институт ја избра композицијата на Вилијамс од филмот „Војната на ѕвездите“ од 1977 година како најдобра американска филмска композиција на сите времиња. Саундтракот за „Војна на ѕвездите“ дополнително беше зачуван од Библиотеката на Конгресот во Националниот регистар за снимање, бидејќи е културно, историски или естетски значаен. Тој е примен во холот на славните во „Холивуд боул“ во 2000 година и беше добитник на награда од „Центарот Кенеди“ во 2004 и наградата за животно дело во 2016 година.

Кралеви на живата свирка
„Тото“ е бенд кој светската музичка јавност го третира како еден од најдобрите во музичката индустрија, а членовите ги карактеризира како кралеви на живата свирка. Во 2018 година тргнуваат на голема турнеја која опфаќа 40 земји, насловена „40 патувања околу Сонцето“, со која одбележуваат четиридецениска работа, а и со нов студиски албум кој треба да излезе во февруари идната година.
Хитовите како што се „Rosanna“, „Africa“ и „Hold The Line“ им донесоа многу музички признанија и пет награди „Греми“.
Продажбата на влезниците стартува на 25 август во 9 часот преку продажната мрежа на „Купи карти за сѐ“ низ цела Македонија.
Во последната постава на бендот се Џозеф Вилијамс (водечки вокал), Дејвид Пајч (клавијатури, вокали), Стив Поркаро (клавијатури), Стив Лукатер (гитара, вокали) и членови на турнејата се Лени Кастро (перкусии), Ворен Хам (саксофон), Шем вон Шроек (бас гитара) и Шенон Форест (тапани).
Ивана Настеска
Фото: Архива