Интервју со Милош Б. Андоновски, режисер: Театарот може да нè научи на емпатија
На сцената на Кумановскиот театар се поставува претставата „Физика на тагата“ од бугарскиот писател Георги Господинов, а во драматизација на Ивана Нелковска и во режија на младиот режисер Милош Б. Андоновски.
Премиерната изведба е на 6 јули, а поради големиот интерес кај јавноста, претставата ќе се игра и на 7,8 и 9 јули со почеток во 20 часот.
„Физика на тагата“ е еден од најзначајните современи романи во регионов и пошироко. Ја третира темата за тагата, но и емпатијата. Ова повеќеслојно дело беше предизвик и за Андоновски кој вели дека „неговата“ физика на тагата ќе биде искрена, топла, смешно-тажна и нежна.
Во претставата играат: Горан Илиќ, Марко Трајковиќ, Јасмина Василева, Александра Пешевска, Кети Дончевска-Илиќ, Нина Максимовска, Симона Димковска.
Сценографијата и дизајнот на плакатот се изработени од Наташа Вчкова, а костимографијата е на Марта Дуфне.
В петок на сцената на Кумановскиот театар ќе се случи премиерната изведба на претставата „Физика на тагата“ според романот на бугарскиот писател Георги Господинов. Ова е еден од најзначајните современи романи во регионот и пошироко. Како Вие го доживеавте?
-Го доживеав како многу значаен за мене, пред сѐ. Не работам нешто што не ме допира, тоа е моето правило број еден, само тогаш сум чист пред себе. Тоа беше љубов на прва страница, но дури откако ја исчитав последната, си реков – сакам да направам претстава од ова! Многу ми е интересна, истовремено и неверојатна приказната со театарот во Куманово: истиот ден, откако го завршив романот со читање, добив повик од театарот да предложам што би работел. Го испукав ко од пушка!
Колкава е одговорноста, но и предизвикот да се режира овој роман?
-Предизвикот беше огромен, сѐ уште е, има уште неколку дена до премиерата, сѐ уште работиме со актерите и со моите соработници. Одговорноста? Не знам!? Сега сфаќам дека била огромна, но во ниту еден момент не чувствував никаков притисок зашто, едноставно, го следев внатрешниот глас.
Комунициравте ли со Господинов во текот на подготовките на претставата? Ќе дојде ли на премиерата во Куманово?
-Комунициравме, но не директно. Првпат со него искомуницирав пред неколку дена. Најпрвин, ми го прифати пријателството на „Фејсбук“, а потоа и си пишавме. Се радував како мало дете! И да, ќе дојде.
(Дизајнот на плакатот е на Наташа Вчкова)
„Физика на тагата“ доби бројни позитивни книжевни критики, беше и во конкуренција на четири престижни европски литературни награди. „Клајне цајтунг“ напиша дека е една задолжителна книга за остатокот од нашиот живот. Оваа реченица стои и на корицата на македонскиот превод на романот во издание на „Или-или“. Каква промена Ви донесе Вам ова дело?
-Ми донесе промена на ниво на режисер и како театарџија, а на ниво на човек и како личност, само ми потврди некои лични насетувања.
Порано или подоцна во животот, во одредени ситуации и под одредени околности, сите сме се почувствувале како што Минотаурот се чувствува во овој роман. Во паралела со времето во кое живееме ме потсетува на „булинг“. Како да ги искорениме овие состојби и да се научиме на повеќе емпатија?
-Мене ме потсетува и на булинг и на пострашни и поскриени форми на отфрлање, негирање, стигматизирање… Мојот одговор е само преку образование, темелно и длабинско преуредување на она што се работи и учи на училиште: редефинирање на односот наставник-ученик-родител, освежување на наставните планови и програми, воведување нови предмети итн. Не се откажувам од идејата на која работам веќе трета година, за воведување на театарското образование како задолжителен предмет во средните училишта, одобрување на учебникот, но и квалификување на кадарот сто проценти! Театарот може да нѐ поучи на емпатија.
Романот е веќе поставуван низ театри во регионот. Каква ќе биде Вашата „физика на тагата“?
-Имам информација дека е поставен во Словенија, а сега и кај нас. Мојата „Физика на тагата“ е мое читање на романот, во соработка со Ивана Нелковска, мојот драматург за претставата, која имаше трпение, енергија и умешност, неколку месеци, да ме води низ тој дел од процесот. Мојата „Физика на тагата“ е искрена, топла, смешно-тажна, нежна…
За оваа претстава Министерството за култура, преку Годишната програма за култура во секцијата на проекти на националните установи од областа на драмска дејност за 2018 година, одобри 800 илјади денари или 13 илјади евра. Доволен ли беше буџетот за да се реализира проектот?
-Проектот мораше да се приспособи на буџетот, а мојот хонорар е под износот што го зема режисер почетник. А тоа што Куманово имаше најнискоодобрени буџети за оваа театарска година – ме болеше. Куманово, многу одамна, бил еден од најјаките театри на просторов. Некој или нешто го довел на ова дереџе.
Ивана Настеска
Фото: Иван Момировски