Индиската компанија „JSW“ заинтересирана за инвестирање во Македонија


Индиската компанија „JSW“ и „ИГМ“ од Кавадарци се заинтересирани за нови инвестиции во производство на електрична енергија од обновливи извори, соопшти Владата.

Менаџерите на фирмите Саџан Џиндал и Александар Гечев денеска имаа средба со премиерот Заев. Тој им предочил дека владиниот План за економски раст отвора големи можности за нови вложувања.

– На средбата се разговараше за новите можности за инвестиции што се отвораат за компаниите преку новите мерки за поддршка предвидени во Планот за економски раст, за природниот потенцијал со кој располага Македонија, како и за позитивните аспекти на деловниот амбиент во Република Македонија, информира владината прес-служба.

„JSW“ од Индија се занимава со производство на челик, цемент, електрична енергија од обновливи извори, а како нова инвестициска програма на средбата со Заев, ја посочи производната линија на електрични автомобили.

Премиерот презентираше дел од мерките предвидени во Планот за економски раст и ги повика претставниците на индиската компанија да аплицираат по мерките од Планот за економски раст кој нуди јасни и транспарентни критериуми еднакви за сите, како и да се одлучат за нови инвестиции во Македонија.

Заев посочи дека во Македонија e обезбеден стабилен бизнис амбиент во кој се поддржува растот и успехот на домашните и странските компании за да расте квалитетот на живот и да се отвораат нови работни места за граѓаните.