Имињата на функционерите на Алијанса за Албанците и натаму на вратите на канцелариите


На вратите на канцелариите на замениците министри и на директорите од Алијанса за Албанците се уште стојат имињата на функционерите на партијата на Зијадин Села, иако тие не се појавуваат на работните места откако поднесоа оставки.

За да ја напуштаат функцијата која им била доверена, тие чекаат одлука од Владата и од премиерот Зоран Заев. Заев за Алсат М телевизија преку порака рече дека функциите кои им беа доделени на Алијанса за Албанците кога беше формирана владата и натаму ќе бидат водени од членови на партијата на Села, се до изборот на нови заменици министри и директори.

Во нивно отсуство, Заев рече дека овие институции ќе бидат водени од нивните заменици или компетентни луѓе кои ќе ја вршат работата на функционерите во оставка.

Контактиран од Алсат М, претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека се уште не стигнала никаква одлука од Владата за преименување на замениците министри кои беа од Алијанса за Албанците. Од Собранието информираат дека веднаш по одлуката на премиерот Заев за именување на нови заменици министри, на првата седница ќе се констатираат оставките на тројцата заменици министри од Алијансата, Ремзи Мемеди кој е во транспорт и врски, на Арта Точи за надворешни работи како и на заменик министерот за труд и социјална политика, Елми Азири.

Инаку, одлуката на Алијанса за Албанците да ја напушти владата дојде по недоразбирањата за министерската позиција во здравство. Премиерот Зоран Заев не прифати министерството за здравство и понатаму да биде во рацете на Алијанса за Албанците, по заминувањето на Арбен Таравари кој стана градоначалник на Гостивар. На Села за возврат му беше понудено вицепремиерско место за реформи, но тоа не го прифати Алијансата за Албанците.