Имаат сајтови како да немаат: МОК ги „преспа“ Игрите во Пјонгчанг


Интернет страниците се огледало на спортските клубови, федерации, асоцијации, здруженија. Нивното редовно „хранење“ со информации е одраз на професионалноста на колективите чии активности рефлектираат. Така е во развиениот свет кој е водилка и за сајтовите со домен мк. Или треба да биде, но, за жал, реалноста е сосема поинаква иако живееме во 21 век и во глобално информатичко општество што е пенетрирано во, речиси, секој агол.

Ако „огледалата“ на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) и на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) може да добијат преодни, па и солидни оценки, „огледалото“ на Македонскиот олимпик комитет (МОК) е како скршено на парчиња и нефункционално и тоа во година на зимска Олимпијада. Последниот наслов на mok.org.mk во рубриката вести (последни) е од петти февруари и се однесува на промоција на македонската делегација пред заминување на Игрите во Пјонгчанг.

Олимпијците промовирани, па како заборавени во Ј. Кореја

За МОК, во меѓувреме, ништо не се случи иако експедицијата пристигна во Јужна Кореја, се смести во олимпиското село, се подигна македонското знаме, имаше свечено отворање и затворање на Игрите. Тројцата олимпијци (Ставре Јада, Антонио Ристевски и Викторија Тодоровска) имаа по два настапа во крос-кантри и во алпско скијање и без оглед на постигнатите резултати, сепак, ќе беше коректно да ги одбележи и Комитетот што ги испрати.

Пливачката со вест од состанок што се „одржал утре“

Фото: pfm.org.mk/printscreen

Пливачката федерација на Македонија (ПФМ), пак, оди во друга крајност. Вонвременска. За разлика од останатите може да се „пофали“ дека има два претседатела (Александар Маленко и Дарко Нашков), а само тие и луѓето околу нив знаат кој е легитимен. А, можеби и тие не знаат. Дуализмот прави да бидат побрзи од времето, па вчера на pfm.org.mk беше поместена одлука од вонреден состанок на Управниот одбор (УО) што е закажан за 23 март (така стои во веста) која се однесува на откажување на Меморијалниот пливачки митинг од меѓународен карактер „Димитрија Поповски-Шкипер“. За разлика од МОК, на страницата на Федерацијата солидно се полни со наслови во зависност од пливачките настани.
Задоволителен обем на вести има на интернет страниците (afm.org.mk) на Атлетската федерација на Македонија (АФМ) и на mtftennis.mk на Македонската тениска федерација (МТФ). Релативно добро се третираат натпреварувања од сите рангови и возрасни категории од кои се запознава јавноста со постигнатите резултати.

Одбојкарите, борачите, боксерите, кугларите со Фејсбук налози

Дел од Федерациите како Одбојкарската, Боксерската, Боречката, Кугларската, за спортско стрелаштво воопшто немаат интернет сајтови. Неразбирливо од причина што, на пример, Македонија во последните неколку години во континуитет учествува во машката Европска лига во одбојка и редовно игра на завршните турнири. Но, наместо страница, се користи Фејсбук налог и e-mail како мост со медиумите и јавноста. Дали е попрактично знаат само луѓето во ОФМ, но сигурно е поефтина опција бидејќи не чини ништо од аспект на трошоци за одржување.
Идентично и со боксот и борењето, иако на стара слава, сепак, сè уште важат за едни од најтрофејните спортови во Македонија од времето на поранешната држава. Во оваа низа и спортското стрелаштво, дисциплина што не е трофејна и нема продрено како боксот и борењето меѓутоа стрелците се составен дел од секоја експедиција на летни Олимписки игри.

Пингпонгарите и скијачите имаат сајтови како да немаат

Пингпонгарската федерација на Македонија има веб (pingpong.com.mk), но е во фаза на конструкција. Веб дизајнот е достапен со боксови за вести на насловната и места за табели од страните, но кај сите важи она „наскоро“. Интернет страница има како да нема и Скијачката федерација на Македонија.

ФФМ, МКФ и РФМ како исклучоци

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Македонската кошаркарска федерација (МКФ) и Ракометната федерација на Македонија (РФМ) се исклучоци од горенаведените примери. Нивните интернет страници, технички и информативно, функционираат солидно за локални услови, но, сепак, заостануваат во однос на глобалните. Притоа предничи ФФМ која има и ТВ со преноси од мечевите во Првата лига, покриеност на настани од најмала до сениорска конкуренција.

Сашко Ѓ. Димовски