Измачениот бизнис не може да преживее нови политички тензии


Политичките тензии ако од најава прејдат во пракса, ќе удрат врз стопанството, но овој пат посилно, зашто бизнисот е истоштен од неколкугодишното малтретирање. И во тој случај не помагаат какви било мерки, вели Мендерес Кучи, експретседател на Комората на северозападна Македонија и стопанственик.

„Предвидете какви сакате столбови за економски раст, но ако нема политичка стабилност, тоа ќе биде само ете работиме нешто, не сме џабе дојдени. Но ефекти нема да има. И втор битен момент е да се оди по насоката за која оваа опција дојде на власт – да се реши зачленувањето во НАТО и евроинтеграциите, зашто НАТО значи сигурност за инвестиции. Ако нема инвестиции, ако нема свеж капитал што доаѓа заедно со знаење и со пазар за тие производи, нема економски раст“, смета Кучи објаснувајќи дека она што на економијата ѝ недостига е нова економска стратегија.

„Не ни требаат ад хок мерки за кои ќе чекаме да видиме дали ќе дадат вакви или такви резултати. Ние сега планираме инвестиции, а не знаеме како ќе ги покриваме со кадри. Не произведуваме соодветна работна сила. Тоа не се прави со луѓе што ќе ги преземеш, затоа што си субвенциониран, а тие имаат 55 години и немаат знаења што во моментот се потребни на пазарот. Или ќе му вршиш притисок на идниот инвеститор да мора да зема стечајни работници. Не треба да се гледа дневнополитички, туку да се направи добра стратегија, која ќе се води подолг период. Не е време за мерки денес за утре, како да ја стивнеме опозицијата, или како пред граѓаните да изгледа дека еве ние работиме ама не можеме од опозицијата“, дециден е Кучи.

И агенцијата „Стандард и Пурс“, потврдувајќи го кредитниот рејтинг на Македонија ББ- со стабилен изглед, предупреди дека тој може да се влоши доколку се вратат политичките тензии. Проценките се дека економскиот раст годинава ќе изнесува 2,7 отсто, а 3 отсто во 2019, долгот на државата ќе продолжи да расте од 40 отсто колку што изнесуваше во 2017, на 47 отсто во 2021, а дефицитот од 2,8 отсто ќе се намали на 2,3 отсто во 2020 година. Услов за подобра оценка е реформите да доведат до повисоки приходи, како и повисоко ниво на ефективност и отчетност. Освен негативен одраз врз растот и директните странски инвестиции, политичката неизвесност, според „Стандард и пурс“ ќе ги поткопа долгорочни изгледи за раст на земјата.
„Веќе сме изморени од протести, блокиран град, уште два-три часа плус да стигнеш до каде било во земјата. Многу е сериозно за бизнисот кога се препукуваат партиите. Партии кои немаат желба да се реформираат. Ако ме прашувате што во вакви услови може да направи Министерството за финансии, ќе ви одговорам – да се посвети посериозно на фискалната и даночната политика“, ни изјави Горан Рафајловски од Стопанската комора на Македонија.

Анита Салтировска