Изложба во чест на Ибрахим Кодра во Чифте амам


Националната галерија на Македонија (НГМ) в сабота од 20 часот во Чифте амам ќе отвори изложба на дела од Ибрахим Кодра – меѓу најзначајните ликовни уметници од Албанија, по повод 100 години од неговото раѓање.

Ќе бидат претставени 57 дела, главно масло на платно, кои ги отсликуваат сите фази од творештвото на Кодра, почнувајќи од 1942 до 2005 година. Тој е роден во Драч во 1918, но живеел и творел во Италија, каде што почнал да студира во 1938 година со стипендија од италијанската влада. Дипломирал на Академијата „Брера“ во Милано, каде живеел до крајот на животот во 2006 година. Кодра е претставник на европскиот кубизам, кому пријатели му биле Пикасо, Модијлани, Матис, Брак, Дифи…

Директорката на НГМ Дита Старова-Ќерими на прес-конференција рече дека 57-те дела што еден месец ќе бидат претставени пред македонската публика се мал дел од големиот опус на Кодра, кој се состои од околу 6 000 дела.

Триесет и шест се донесени од Фондацијата „Ибрахим Кодра“ од Милано, дваесет се отстапени од Националната галерија на Косово, а една слика е од приватен сопственик од Македонија. Најголема слика меѓу изложените е „Фантастична Албанија“ по која, рече Старова-Ќерими, Кодра е препознатлив.

– Кодра е меѓу значајните автори кои се достојни за претставување во нашата галерија во годината кога одбележуваме 70 години постоење, рече директорката на НГМ.

Амбасадорот на Италија Карло Ромео истакна дека изложбата е единствена можност да се видат, како што рече, неверојатните дела од Кодра, од кои најголем дел доаѓаат од Милано.

– Покрај овие вредни дела кои ќе може да се видат во оваа прекрасна галерија, треба да се нагласи и тоа што изложбата обединува неколку земји. Тоа е и главната цел на уметноста – да ги зближува луѓето и културите, рече Ромео.

Амбасадорот на Албанија Фатос Река додаде дека Кодра е Албанец кој творел во Италија но, рече, тој е европски граѓанин кој соработувал и контактирал со врвни уметници во светот.

Државниот секретар во Министерството за култура Валмир Азири рече дека во наредните месеци со поддршка на Министерството во НГМ ќе бидат претставени проекти и од други албански уметници, како Агим Кастрати и Арис Ала.