Извршителите извлекле речиси милијарда евра од фирмите и од граѓаните
Блокирани сметки на граѓаните поради долг од 1.000 денари, кој достигнал до 10.000 денари, енормни трошоци за извршни постапки, конфискување имот. Оваа слика стана секојдневие во Македонија во последните десетина години. Извршителите стануваат сѐ поголема ноќна мора за граѓаните, но и за фирмите.
Можно ли е да се смени ваквата ситуација и да се олесни начинот за плаќање на долговите, така што граѓаните нема да паднат во должничко ропство? Министерството за правда работи на измени на Законот за извршување со кои се очекува да се стави ред во извршните постапки.
Според објаснувањето од ова Министерството, кое е доставено до Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР), се прават законски измени во насока на коригирање на тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работењето на извршителите, потоа редефинирање на постапката за вонсудска наплата на долгови, како и редефинирање на постапката за спроведување испит за извршители и конкурс за именување извршители. Законските измени треба да донесат поекономична и поедноставна постапка за наплата на долговите, но ќе се ревидира и начинот на вршење надзор над работата на извршителите и Комората на извршители.
Од Министерството за правда објаснуваат дека дел од измените што ќе ги предложат до Владата се поради нејасен, неефикасен и комплициран начин на полагање на испитот за извршители.
– Задолжителното учество на адвокати при спроведување на извршувањето за побарувања поголеми од 10.000 евра, сложениот и скап систем на спроведување на постапката за вонсудска наплата на долговите и извршените надзори над работата на извршителите, се дел од причините поради кои од Комората на извршители ја увидоа потребата од ревидирање на начинот на вршење на надзор, велат од Министерството за правда.
Владата бара начин како да се намалат трошоците за извршување
Премиерот Зоран Заев на првиот работен ден годинава најави дека веќе е отворена дебата за наоѓање решение како да се растовари на најлесен можен начин од накалемените трошоци секој должник што е под извршна постапка. Законските измени треба да бидат донесени до крајот на првиот квартал годинава.
– Сиромашните запаѓаат во уште поголема сиромаштија поради накалемените трошоци за неплатените сметки. Зборуваме за трошоци како камати, затезни камати, судски трошоци, извршителски трошоци и сѐ она друго што ја прави структурата на сметката на извршител. Ако неплатената сметка е до 2.000 денари, таа може да достигне до 12.000 денари трошок. Токму во тој правец министерот за правда заедно со коморите, Извршителската, Нотарската, Стопанската, здруженија на потрошувачите и другите засегнати страни го бараат најизвесното решение – изјави премиерот Заев.
Како дел од решенијата што се разгледуваат во Министерството за правда, според премиерот, е и медијацијата помеѓу доверител и должник, а верува и дека ќе се најде начин како да се вгради алатка што ќе ги анулира сите оние трошоци што го зголемуваат долгот на граѓаните.
Тој ги нагласи зголемените добивки на извршителите, кои растат од година во година.
– Сакаме да ги слушнеме извршителите во делот на нивната структура на наплатата, но сите постоиме заради граѓаните. Јануари ќе биде период на јавна дебата по овие законски решенија – изјави Заев.
Извршителите тврдат дека се најевтини во регионот
Зоран Димов, претседателот на Комората на извршители, вели дека се во комуникација со Министерството за правда за законските измени во делот на извршните постапки, но сепак потенцира дека при секое законско решение треба да се увидат сите трошоци што спаѓаат во долгот што го наплаќаат извршителите.
– Граѓаните не се информирани точно дека во постапката за извршување учествуваат и нотарските, адвокатските и трошоците на проценителите. Поради непознавање сите овие трошоци, се впишуваат на сметка на извршителите, а ние имаме најмал дел од трошокот – вели Димов.
Тој потенцира дека тарифата што во Македонија ја наплаќаат извршителите е најниска во регионот и е далеку пониска од онаа што ја наплаќаат адвокатите и нотарите.
– Извршителите не ги создаваат извршните постапки, туку само ги спроведуваат. Никој не може да биде над законот, ниту извршителите ниту граѓаните. Долговите мора да се платат – потенцира Димов и нагласува дека извршната постапка е само за оние што не сакаат редовно да си подмират долговите.
Само за една година наплатени рекордни 120 милиони евра
Според извештајот за работата на извршителите од Комората на извршители, во последните десет години континуирано се зголемува сумата на пари што тие ја наплаќаат од фирмите и граѓаните. Само во 2016 година извршителите наплатиле рекордни 120 милиони евра од извршни постапки, додека во 2006 година наплатата била само 20 милиони евра. За истиот период двојно е зголемен и бројот на извршители, кој сега има околу 100 канцеларии.
Уставен суд ја укина вонсудската наплата на долгови
Пред еден месец Уставниот суд донесе одлука со која се укина вонсудската наплата на долгови. Исто така, укинати се одредбите со кои од доверителот се бараше претходно да ја плати цената за администрирање и првичниот налог за извршување со поднесување на барањето за извршување. Укината е и одредбата каде што како извршна исправа се смета заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето.
Неколку организации на крајот на минатата година покренаа иницијатива со која бараат да запре присилната наплата од граѓаните, потоа ревизија на работата на извршителите, нотарите и доверителите, како и утврдување на реален и нереален долг. Тие велат дека граѓаните се ставени во должничко ропство и дека не можат ниту основните сметки да ги платат, а не па услугите на извршителот. Бараа од премиерот Зоран Заев да си остане на зборот дека ќе го реши проблемот.
Наплата на извршители
Година Наплатени долгови
2006 20,2 милиони евра
2007 49,2 милиони евра
2008 60 милиони евра
2009 78 милиони евра
2010 94,4 милиони евра
2011 80,1 милиони евра
2012 104,3 милиони евра
2013 127,7 милиони евра
2014 107,8 милиони евра
2015 107,6 милиони евра
2016 118,9 милиони евра
Александра Спасевска