Избори би го одложиле новиот закон за попис


Државниот завод за статистика очекува до крајот на годинава Собранието да го донесе новиот закон за попис, за да можат подготовките да се одвиваат според предвидената динамика и пописот да се одржи во 2020 година. Директорот Апостол Симовски вели дека со Буџетот за 2019 се одобрени пари за купување опрема и изработка на софтверско решение.

„Подготовките за пописот течат во најдобар ред, согласно роковникот. Очекуваме дека сè ќе биде во ред и дека ќе можеме да го спроведеме во 2020 година, како што е предвидено. Во овој попис ќе користиме ИТ-технологија за време на попишувањето, што не било случај досега. Добивме пари колку што побаравме“, изјави Симовски додавајќи дека новиот закон за попис е даден е на мислење во институциите кои се дел од пописната операција и многу брзо ќе биде пуштен во владина процедура, по што треба да влезе во собраниска и да биде изгласан до крајот на годинава.

Симовски вели дека е важно навременото усвојување на законот затоа што треба да се даде доволно време за инсталација на софтверското решение кое ни е многу важно за спроведување на овој попис.

Со новиот закон главната измена е што веќе нема да има државна пописна комисија, туку пописот ќе го спроведува Државниот завод за статистика како професионална операција.

„Пописот нема да го спроведува политичко тело, туку ДЗС, како што се спроведуваат сите останати статистички истражувања согласно Законот за статистика. Пописот не е ништо друго туку е статистичко истражување. Со тоа се обезбедува професионалноста и се трга политиката настрана“, укажува Симовски.

Овој попис ќе биде правен со комбиниран метод – и попишување на терен и собирање податоци од регистри кои веќе постојат во државата.

„Попишувачот ќе има директен линк со таа база на податоци, ќе може да се преземаат тие податоци што се содржани во тие регистри, кои се проверени, точни, документирани и нема да има потреба да прашува за тие податоци, со што го скратува времето и се зголемува квалитетот на податоците од пописот“, објаснува Симовски.

Се укинуваат и хартиени прашалници и ќе се користат лаптопи, преку кои директно ќе биде внесуван материјалот и трансфериран во базата на податоци. Попишувачот нема да има можност за каква било интервенција, со што се зачувува сигурноста на податоците, се гарантира безбедноста, нема можност од преземање, копирање.

Од последниот попис се поминати 16 години. Тоа е битна статистичка операција бидејќи од него се вади примерок. Домаќинствата што се опфатени во пописот се база за правење на примерокот за анкетите од социјалните статистики.

„Пописот е многу битен за носењето на одлуките и креирањето на политиките, развој, за научната дејност. Ако нема податок, нема врз основа на што да се направат анализи и да се креираат квалитетни развојни политики. Она што е единственото добро што произлезе од тоа што немаме попис, е сознанието во јавноста колку значи тој пописен податок, дека не е пописот само колку сме во земјата и каде сме, туку дека секој од нас има одредени белези кои што се битни за креирање на развојни политики, кои пак нам ќе ни значат најмногу“, вели Симовски.

Анита Салтировска