Игри

Детски, наивни, олимписки, политички, задкулисни..., некогаш играта е само игра, а некогаш од играта ви зависи животот


Цел живот не следат игри.

Детски, наивни, олимписки, политички, задкулисни…, некогаш играта е само игра, а некогаш од играта ви зависи животот.

Во „играта“ некогаш бараме друштво, некогаш „играме сами“, некогаш победуваме, некогаш си даваме „авто-гол“, зависиме од себе или од другите, сакаме да ги „надиграме“ времето, обврските, амбицијата, конкуренцијата, здравјето, годините, ставата, стилот…

На кратки или на долги патеки, на определено или неопределено време, денес имаш-утре немаш, денес си на работа, утре си без работа, денес постиш-утре те честат со гозба, кога си млад имаш вита става, а на зрели години се прашуваш од каде ти се килограмите.

Во Македонија, секое чудо за три дена, од дно се искачуваш на врвот, од врвот паѓаш на дно, ти ветуваат, па те лажат, не ти ветуваат па ќе те изненадат, играта брзо се заменува со плачка, на тагата и треба подолго време да се насмее, верувањата се претвараат во неверици, чудата во неизвесност.

За одржување на телесната, професионалната и политичката кондиција, нон-стоп ве канат на маратони и на претседателски, локални и на парламентарни трки.

Поаѓањето и финишот се секогаш од и до Водно, кој и порано, а и сега е синоним на македонската елита и недостижен сон за живеење.

Додека се тркате на (за) Водно, дишете чист или загаден воздух и го гледате луксузот на старите и на новопечените бизнисмени, политичари  и доктори.

Игрите, и во животот и во политиката може да ве изморат, некогаш морате да подзастанете и да земете воздух, да видите до кај сте и до каде треба да стигнете, да се напиете вода за здравје или некој жесток пијалок за славење.

Од поразите некој учи, а некој ги повторува, како и гафовите, победите ги сфаќаме здраво за готово, до следната пречка, додека трчате за топ-форма или за престижна функција.

Ама животот и кариерата не ги прават крајности, туку нијанси и сѐ што сјае не е злато.

Затоа, играјте си од кеф, а не заради медал, станови или настап на Евросонг, и едноставно бидете публика или јавност која одлучува за победникот.

Сеирот нема цена, нели?