ИВЗ ѝ се закани на владата, ќе ја кодоши во 700 џамии


Исламската верска заедница и се закани на владата во Скопје дека во пресрет на претседателските избори, во 700 џамии низ земјава ќе ги информира верниците за дискриминациски однос од страна на државата. За да не се случи тоа, бара од премиерот Зоран Заев и неговиот тим да добие писмен одговор за намерите и активностите во врска со реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид, статутот на верските објекти во Лажец и Хусамедин пашината џамија во Штип, која била заведена на име на друга верска заедница. Добија инстант реакција од „Илинденска“ дека Македонија е секуларна држава, поради што извршната власт нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници.
Писмото од ИВЗ било темелено врз основа на „бавна и селективна“ денационализација, поради што верниците го губеле трпението.
„Наспроти тоа, МПЦ не дека ги нема овие проблеми, туку, напротив, е фаворизирана во секој поглед“, стои во писмото што Реисул-Улема го испрати до владата, како и до претседателот на Собранието и Комисијата за верски односи.
Во владата препознаа неприфатлив облик на обраќање кон државните институции, кој е вид на уцена и закана, поради што сериозно размислуваат да го известат и надлежното јавно обвинителство.
„Во дописот споменувате неколку предмети, за кои се води постапка пред надлежните институции, која е независна од волјата на извршната власт, а втемелена и зависна од строгото почитување на позитивното право во државата. Според Уставот, како највисок правен акт, Република Северна Македонија е секуларна држава, а оваа извршна власт никогаш нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници или помеѓу нив. Во таа насока, ги отфрламе сите обвинувања дека било која верска заедница е фаворизирана во државата, а таквото обвинување го сметаме за претенденциозно и паушално. Доколку кај вас постои сомнеж или индиција дека некоја институција ги прекршила позитивно правните прописи, ве охрабруваме да покренете соодветна постапка пред надлежните органи со соодветно правно барање“, одговорија во владата.
Од таму нагласија дека во мултиконфесионално општество, верските граѓански права и слободи се остваруваат преку постојан процес на градење на меѓусебна доверба меѓу различните конфесии, а не преку ултиматуми, кои како правило на игра доколку го прифатат сите регистрирани верски заедници, сериозно негативно би се одразило врз општествената кохезија.