Иванов до утре на полноќ треба да се изјасни за законот за јазиците
Утре на полноќ истекува рокот во кој македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов треба да одлучи дали ќе го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците или ќе го врати во Собранието со или без забелешки.
Собранието го донесе Законот за употреба на јазиците на 11 јануари, а потоа текстот беше испратен во кабинетот на претседателот.
Дилемата за тоа дали Иванов ќе го потпише указот и дали законот ќе го врати со забелешки до Собранието, за што има право предвидено со Уставот и со Деловникот, беше отворена по неговото редовно годишно обраќање во Парламентот во кое кажа дека законот е неуставен и претставува закана по унитарноста на државата.
Неговата одлука за законот, рече тогаш Иванов, се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Законот, посочи Иванов, мора да биде во согласност со Уставот и усогласен со македонското законодавство.
Претседателот Иванов може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Во тој случај, според членот 75 од Уставот на Република Македонија, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот и доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со Деловникот на Собранието, пак, се предвидува и ако претседателот одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно да го разгледа законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на неговото донесување. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети се надева дека претседателот Иванов во законски предвидениот рок ќе го потпише Законот за употреба на јазиците и со тоа, како што вели, ќе ги подобри односите со албанската заедница која уште на почетокот на мандатот нема доверба во него.
– Со тоа тој лично ќе си го подобри авторитетот кај Албанците во Македонија и пред меѓународната заедница. Не би требало тој да не стави потпис на указот на Законот, но доколку се случи тоа има законска процедура во вториот обид да стапи на сила и без негов потпис, вели Ахмети во интервју за Алсат.
Не смета дека Законот може да падне на Уставен суд бидејќи го работеле експерти и воделе сметка да не се направи пропуст.
Собранието на Република Македонија на 11 јануари со 69 гласа „за“ го донесе Законот за употреба на јазиците. Законот беше изгласан и со двојно мнозинство, односно за него гласаа 27 пратеници од немнозинските заедници, а еден беше воздржан. На седницата не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои не учествуваат во работата на Парламентот во знак на револт од притворањето на петмина нивни колеги и други граѓани за учество во инцидентите во законодавниот дом на 27-ми април минатата година.