Иванов: Бугарија да поддржи неодложен почеток на преговорите со ЕУ


Зголемениот интерес на Европската унија за регионот укажува на тоа дека постои позитивна политичка клима за проширувањето на Унијата, што е исклучително важно како за Македонија така и за целиот регион. Претседателството на Република Бугарија е одлична шанса за искористување на оваа позитивна политичка клима.

Ова денеска го истакна шефот на македонската држава, Ѓорге Иванов, на средбата со амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, Иван Петков, кој му ги претстави приоритетите и програмата на бугарското Претседателство со Советот на Европската унија во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2018 година.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Иванов посака успешно спроведување на програмата на бугарското претседателство и успех во реализацијата на приоритетите, изразувајќи задоволство што меѓу главните е европската перспектива на регионот.

Во тој контекст, македонскиот претседател, се наведува, изрази очекување дека Република Бугарија ќе даде силна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија.

– Македонија очекува натамошно динамизирање на интегративните процеси. Перспективата за членство во Европската унија е наша единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет. Одложувањето на почетокот на преговорите се покажа како непродуктивен пристап – делува демотивирачки, создава фрустрации и тензии во нашето општество“, рече претседателот Иванов на средбата.

– Македонскиот претседател изрази надеж дека двете земји ќе продолжат да соработуваат на промоција на заедничките интереси во регионот и да го одржат позитивниот напредок во билатералната соработка што е остварен во изминатиот период. Република Македонија како и досега така и во иднина ќе настојува да гради и развива здрави, добрососедски односи со Република Бугарија врз основа на меѓусебно почитување, искреност, взаемна доверба и рамноправност, рече претседателот Иванов, стои во соопштението.