Зошто „Независен“?


Македонскиот информативен простор од денес ќе го збогатиме со уште еден информативен портал, а наскоро и со нов дневен весник. Под заедничко име „Независен“ ќе се обидеме да и додадеме моќ на информацијата, како еден од новите медиуми што сакаат да го искачат повторно на „пиедестал“ новинарството во земјата. Зошто ни треба „Независен“ и зошто пред се ни треба весник кога многумина се наклонети да го гледаат веќе во историјата?

Нашата идеја е да исчекориме од „копи пејст“ новинарството и да ја вратиме оваа професија на стандардите што ја правеа вредна за постоење. Да ги ставиме фактите во контекст, да ги објасниме последиците и да дадеме перспектива на настаните. Да анализираме, да коментираме, да пренесуваме, да провоцираме, се во интерес на подобрата информираност и критички став на читателите за нивното секојдневие. Да информираме со објективност, со независност, со стручност, со интегритет, со професионалност и со кредибилитет, отворајќи му фронт на површното и „фејк“ новинарство кај нас и пошироко.

Со вашата помош како читатели сакаме нашата скромна по големина новинарска редакција да ја ставиме меѓу новите носители на промените што водат кон подобар живот за сите нас. Да бидеме позитивен и демократски пример на новото време кое може да дојде само со нов пристап и енергија. За таа цел ви даваме на располагање портал на кој може да се информирате на три јазика – на македонски, на албански и на англиски. Ви даваме регионална перспектива исто така, бидејќи зад нас стои регионална мрежа на медиуми. Наскоро ќе излеземе и со бесплатен дневен весник за кој се надеваме дека ќе ви стане редовен и посакуван извор на информирање.

Редакција на „nezavisen.mk“ портал