Зимбери: Јас сум само советник, во М-НАВ имаат по 2.500 евра плата


Нов советник во Одделението за општи работи во Контрола на летање (М-НАВ) е Абедин Зимбери. Вработувањето на поранешниот пратеник од Нова демократија, кој во собраниските клупи седеше од 2008 до 2011 година, крена политичката врева поради фактот дека Зимбери во времето на конфликтот во 2001 беше командант во ОНА.

Извршниот директор на М-НАВ, Николче Тасески, одби да го објасни вработувањето на Зимбери.

„Ве упатувам со конкретните прашања да се обратите до секторот на извршниот директор за финансиско и правно работење, Миѓен Салмани, бидејќи се работи за кандидат во тој сектор. Секој директор од тројцата е одговорен за својот сектор“, ни одговори Тасески, кој е истовремено и претседател на управниот одбор на М-НАВ.

И посочениот Салмани, кој е и извршен директор и член на УО на М-НАВ, не ни одговори на прашањата, меѓу кои и на она за описот на работните обврски на нововработениот Зимбери.

„Конкретниот кандидат е примен на позиција самостоен советник во Одделението за општи работи. Кандидатот ги исполнува условите предвидени во правилникот за систематизација. Што се однесува до платата, тоа беше истакнато во самиот конкурс“, ни кажа Салмани.

Зимбери во М-НАВ ќе работи за основна плата од 56.485 денари. Според огласот, за вработувањето му биле потребни универзитетска диплома од општествени или природни науки и најмалку четири години работно искуство. М-НАВ бараше кандидатот за советник да има и други професионални квалификации, способности, вештини и лични квалитети, да има познавање на англиски јазик и да може да работи на компјутери.

Според биографијата на интернет-страницата на Собранието, Зимбери има завршено Факултет за физичка култура.

„Да, имам потребни квалификации за работното место“, ни одговори во телефонски разговор Зимбери.

„Ќе работам техничка работа. Тоа нема врска со безбедноста на летање. Јас сум само советник за човечки ресурси. Има 10 лица како мене таму вработени. Знам да ја работам таа работа. Сум бил шеф на кабинет на претседател на општина, 6 години сум работел во администрација во општина, сум бил раководител на сектор во државен инспекторат. Бев пратеник од 2008 до 2011, од Нова демократија“, ни рече Зимбери.

Тој бурно реагираше зошто, поврзано со новото вработување, името му го провлекуваат по портали и притоа пишуваат дека е терорист.

„Што е толку важно едно обично вработување? Нели е срамно уште да ме нарекувате терорист? Цели 17 години се трудев за помирување, 10 жртви дадов, уште ме нарекувате терорист. Тогаш зошто се во коалиција со терористи во влада? Колку имав желба да работам во оваа држава на помирување, на толку семинари сум бил, џабе“, разочарано рече Зимбери.

Вели, се вработил преку конкурс.

„Конкурирав и ме примија. Бев невработен со години. Пред две години ме примија во Секретаријатот (за спроведување на Рамковниот договор н.з.), ама јас не можам да земам плата, а да не работам и си отидов оттаму. Јас не сум ни со СДСМ ни со ДУИ, цело време ги критикувам. Веќе 4-5 години се тргнав од политика. Не знам што толку сте се фатиле за моето вработување“, одговори резигнирано Зимбери.

Откако го доби решението, Зимбери и на Фејсбук напиша дека е вработен во М-НАВ. Ама по кусо време напишаното го снема од неговиот профил.

„Поради вакви глупости, за да не додавам уште материјал за пишување, го тргнав“, објасни Зимбери додавајќи дека ова е обично вработување, а не функција и дека тоа било нормална административна работа.

На тврдењето дека не е толку обично вработувањето зашто носи плата од илјада евра, Зимбери ни одговори:

„Не сум само јас. Тука има што земаат по 2.500 евра плата“.

М-НАВ е акционерско друштво во државна сопственост. Не ги добива парите за работа од македонскиот буџет, туку од услугите што ги нуди за слетување и полетување на авионите на двата македонски аеродрома и за прелетите. Поради високите плати, е меѓу најбараните за вдомување кадри со различни заслуги. Досега ниедна власт не остана имуна на предизвикот свои луѓе да смести на некоја од 290. позиции во компанијата.

На еден од претходните огласи за вработување, како советник во Секторот воздухопловна техника, беше примен генерал Стојанче Ангелов. Тој за „Независен весник“ изјави дека основната плата во М-НАВ му е 41.000 денари, дека во МВР земал повисок личен доход, но си заминал оттаму бидејќи сакал да се реактивира политички.

(А.С.)