„Зери“: Повеќе од десет членки на ЕУ се против визна либерализација за Косово


Косово добива силни удари од голем број држави од Европската унија (ЕУ) во последната фаза од процесот на визната либерализација, пишува во денешното издание весникот „Зери“.

Според весникот, како што јави дописникот на МИА од Приштина, против укинувањето на визите за косовските граѓани во моментов се над десет од 25-те членки на ЕУ.

Повикувајќи се на извори во Брисел, „Зери“ тврди дека, поради резервите на повеќе членки на Унијата, процесот на укинувањето на визите во моментов е блокиран.

Според истите извори, на последната средба во Брисел на амбасадорите на земјите членки на ЕУ, позната како Група КОРЕПЕР (COREPER), се испостави дека 12 или 13 земји се уште се двоумат околу либерализацијата за Косово.

Деновиве и косовскста министерка за европски интеграции Дурата Хоџа изјави дека е „можно одлуката да не се донесе до крајот на годинава“, како што претходно најавуваше таа и повеќе други владини и државни претставници.