Земјоделци од Струмичко и Радовишко ќе се обучуваат за современи агроеколошки мерки


Во рамки на Проектот за управување со сливот на реката Струмица, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, почна вториот циклус на обуки за земјоделците-кандидати за грантови за воведување на современи агроеколошки мерки.

Обуката содржи интензивен теоретски и практичен дел којшто ќе трае до крајот на март годинава. Средствата ќе ги добијат најдобрите учесници кои успешно ќе ја завршат обуката и ќе го положат тестот на знаење. Добитниците на грантови во висина до 300,000 денари ќе бидат прогласени во април кога се очекува да започне и практичната реализација на мерките.

Во вториот циклус на обуки ќе бидат вклучени над 80 земјоделски производители, а од нив ќе бидат избрани најмалку 30 добитници на грант и тоа 10 за овоштарство и 20 за градинарство.

– По обуките сфатив дека поголемиот дел од тоа што сме правеле било неефикасно и штетно за животната средина. Сега од најдобрите стручни лица во земјата научивме како да го подобриме квалитетот на почвата без да загадуваме. Научивме и да наводнуваме тогаш кога е потребно со мерење на влажноста на почвата. Со тоа штедиме и големи количини вода, изјави Коце Божиков, фармер од струмичкото село Дабиле, еден од учесниците во првиот циклус од обуките.

Поддршката за земјоделците ќе биде преку набавка на современа земјоделска опрема, како што се системи за микронаводнување, уреди за следење на влажност во почвата, системи за фертиригација, опрема за следење на појавата на болести и штетници. За сите избрани земјоделски површини ќе се направат детални почвени анализи, врз основа на кои ќе се изработуваат програмите за наводнување и исхрана на културите. Идејата на програмата е избраните пилот фарми да станат пример за современо и одржливо земјоделско производство, што ќе може понатаму да се пресликува на многу поголема земјоделска површина во сливното подрачје.

– Одличните резултати што изминатите години се постигнаа во Преспанскиот регион веќе се постигнуваат и на југоистокот од државата. Добитниците на грантовите, под надзор на стручни тимови ангажирани од УНДП, постепено ќе ги воведуваат новите производни практики. На крајот од сезоната ќе се споредуваат постигнатите резултати по новите и старите методи на производство, изјави Димитрија Сековски, раководител на проектот.

Проектот за управување со сливот на реката Струмица се реализира од Програмата за развој на Обеденитите нации (УНДП) во партнерство со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион