Земјоделците бараат календар за субвенции 


Интервентен откуп, „зелена нафта“, изградба на објекти, основање фонд од шест милиони евра со можност за дополнитено зголемување, заштита од надворешни влијанија, стимулации за земјоделски задруги и намалување на ДДВ за лековите за сточниот фонд, се само некои од мерките од Предлог-петгодишната национална програма за субвенционирање во земјоделството што денеска се разгледуваше на јавна дебата во ресорното Министерство.

На дебата учествуваа претставници од земјоделските здруженија, стопанските комори и фирми. За голем дел од мерките тие дадоа позитивни мислења, но сугерираа и други предлози.

Бараат донесување календар за субвенционирање (кои субвенции кога да се исплаќаат), намалување на ДДВ за ветеринарните услуги, регулирање на административните процедури со посебни правилници, издвојување на агроеколошките мерки како посебни, како и подобра комуникација со Платежната агенција во која, според нив, треба да има второстепена комисија за разгледување на жалбите наместо земјоделците да одат по судови за одредени пропусти.

Како што информира Министерството за земјоделство, измени на предложените мерки најави и директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта Лулзим Фејзулаи, кој посочи дека се потребни мали интервенции за бенефит на сточарите, не директно со пари, туку индиректно преку создавање услови, односно подобрување на инфраструктурата.

– МЗШВ останува отворено за дијалог со сите чинители во земјоделскиот сектор. За таа цел, изминатиот период беа активирани и потсекторските групи, а во наредниот период ќе се организираат посебни состаноци со целни групи (индивидуални земјоделци, мали, големи земјоделски стопанства), бидејќи интересите и проблемите се различни, наведува Министерството.

На дебатата присутните беа информирани дека наскоро ќе биде изготвена и новата национална стратегија за земјоделство и рурален развој.

Националната програма за субвенционирање е за периодот 2018 – 2022 година, претставува основа за наредните годишни програми и може да се ревидира на три години. Донесена е врз основа на Законот за земјоделство и рурален развој, а целта е развој на македонското земјоделство преку имплементирање нови технологии, инвестиции и поголема конкурентност.