Здруженија добија повеќе пари отколку национални установи
Новото раководство на Министерството за култура најавува децентрализција на културата, но се погласни се реакциите токму од внатрешноста на земјата. Први се огласија актерите од кумановскиот театар, бидејќи за македонска драма повторно се доделени само два проекти, со вкупен буџет од 1 600 000 денари.
-Оваа смешна сума треба да се смета за покривање на целогодишниот репертоар, кога Театар Куманово слави 70 години јубилеј и се надевавме дека Вие тоа го имате предвид – дека барем годинава овој театар заслужува поинаков третман. Но, со ова се покажа дека не само што сте неупатени, туку сте и игнорантни кон ваквиот за нас, свечен настан. Во моментот, буквално експериментираме, импровизираме во условите во кои сме препуштени да работиме – со преживување на -10 C, без греење и без кров, со застарена сцена, сала, недоволни простории и само една гримиорна за сите (24) актери- велат тие во нивната реакција.
* „Бернајс пропаганда“ без апликација добиле пари, Филхармонија вели дека е технички пропуст
Реагира и невладината организација „Визио“ од Кичево за одобрените проекти во тој град. Според нив, годинава очекувале промени и подобро работењето на Центарот за култура „Кочо Рацин” од Кичево.
„Информациите кои ги објави Министерството за култура, сепак потврдија дека оваа институција ќе продолжи со истото темпо како и годините претходно, со слична програма. Но, има и новитети и според нас низа нелогичности, особено ако ги земеме во предвид приликите во нашиот град. Она што е воочливо од Годишната програма, е фактот што здруженија на граѓани и поединци ќе добијат скоро двојно поголема финансиска поддршка од колку Центарот за култура „Кочо Рацин“ за целата негова годишна програма. Според објавените податоци може да го издвоиме здружението „Артацт-ус“, кое според Годишната програма ќе добие 550.000 денари за два настани и ако споредиме со поддршката која ќе ја добие Центарот за култура како државна институција, а изнесува околу 565.000 денари за цела година, очигледно се поставуваат повеќе прашања“, велат од „Визио“.
Тие потсетуваат и на резултатите од „Новиот културен бран“, ад-хок конкурс кој пред пет месеци го реализираше Министерството за култура. Во тие резултати за Кичево беа распределени 750.000 денари, државни пари за организација на пет културни настани, од кои се реализираше само еден еднодневен настан под отворено небо.
Резултатите од програма може детално да се разгледаат на официјалната страница на министерството за култура.
И.Н.