Здравство за сите – со сила!


Роберт Несими

Гледајќи ги последните настапи на Министерството за здравство во врска со одливот на здравствените работници од државата, не можев, а да не се потсетам и да не направам паралела со сличен настап на режимски мегафон во една друга пригода. Беше тоа времето кога ЕУ ни ги укина визите и граѓаните на Македонија првпат можеа да патуваат слободно низ земјите на Европа. Убава вест за сите, но не и за одредени тврдокорни кругови, сателити на тогашната партија на власт. За тоа преку колумна во дневен весник се огласи еден од попознатите мегафони на власта. Во колумната тој коректно процени дека по укинувањето на визите може да следи одлив на луѓе од државата кон европските земји, а за да се спречи тоа предложи драстична мерка. Според него, иако Македонија и тоа како се бореше за укинување на визите, сега било времето да воведе излезни визи, што би значело во странство да може да се патува само со дозвола од државата. Во времето овој став против слободното движење на луѓето со право беше исмеан како примитивен и авторитарен, доличен на еден режим, а за среќа ниту еден негов елемент не се одрази врз реалните политики на тогашната власт.

И токму кога помисливме дека со заминување на режимот ќе си замине и атмосферата која тој ја создаде, заедно со ваквите ретроградни идеи, почнавме да слушаме слични работи и од сегашната власт. Што е пострашно, ова не доаѓа од медиумскиот и аналитички свет близок до владејачката гарнитура, туку директно од претставник од самите врвови на власта, односно министерот за здравство. Осврнувајќи се на масовниот одлив на лекари од земјата, тој најави дека ја разгледува можноста да побара од надлежните државни органи на Германија да забранат трајно вработување на здравствен персонал од Македонија во Германија. Со други зборови, решение за одливот на лекари било тие да се држат тука со сила! Во суштина копи-пејст идеја од владиниот мегафон од времето на режимот.

Проблемите во здравството со право беа едни од поприоритетните во предизборната програма на владејачката партија, а потоа се најдоа и во самата владина програма. Ветувањата на СДСМ беа во правец одливот на здравствените работници да се спречи со создавање подобри услови за работа тука во Македонија, пред сѐ преку зголемување на платите во здравството. Се спомнуваше дури конкретна цифра од пристојни 100.000 денари плата за специјализирани лекари. Сѐ на сѐ, ветувањата и програмата беа во правилна насока. Со создавање добри услови во Македонија одливот би престанал или би се минимизирал, па дури можеше да се замисли дека дел од иселените лекари така ќе може да се привлечат да се вратат повторно во земјата. Програмата за „живот за сите во Македонија“ звучеше особено примамлива за лекарите.

За жал по повеќе од една година власт на СДСМ, работите во здравството изгледа дека се движат кон полошо. Растот на приходите на здравствените работници е сосема скромен, а на хоризонтот не се гледа никаква иницијатива или идеја за реформа на пропаднатиот здравствен систем. Како резултат на тоа одливот на здравствени работници не само што не е спречен, туку зема уште поголем замав. Според последните податоци само во последната година од земјата се иселени над 1.000 здравствени работници, далеку поголем број од било која претходна година. Така наместо ветеното подобрено здравство, ние напротив на брзина се движиме кон тотален колапс на целиот здравствен систем. А најстрашната работа во целата приказна е фактот што министерот Филипче веројатно бил искрен во неговиот исказ. Тој, и Владата, веројатно веќе немаат никаква идеја како да се справат со пропаста на здравството, па им преостанува само да ги задржат лекарите тука со сила!

Сеедно дали рационално или инстинктивно, тоа го разбираат и самите граѓани. По иницијалниот оптимизам по смената на власта и раководството на Таравари, полека спласнуваат и очекувањата на граѓаните дека во здравството нешто навистина ќе се промени. Најдобар показател за тоа се мерењата на јавното мислење преку кои се мери довербата во институциите и задоволството од нивната работа. Така во првите месеци кога со министерството раководеше Таравари, тоа се најде на првото место како институција на која најмногу им веруваат граѓаните и од чија работа се задоволни. Сега, само шест месеци по смена на министерот, период во кој и се случи најголемиот одлив на работници, Министерството за здравство се наоѓа на последното место на ова ранг-листа. Ваквото паѓање мора да е некој рекорд од свој вид. Се разбира многу од тоа веројатно се должи и на околности надвор од контрола на државните институции и не може да се очекува решавање на натрупаните проблеми со магично стапче. Падот од прво на последно место за само шест месеци зборува за видни недостатоци и во самата институција. Пред сѐ, тука е целосниот недостиг на идеи за какви било реформи, што на крај го тера Министерството да бара спас во рестриктивни мерки од други држави, во случајот Германија.

Колку за потсетување, пред само шест месеци ни се ветуваше нешто сосема спротивно. И тука не ми е зборот за гореспоменатите предизборни ветувања и владини програми. Да се потсетиме дека по локалните избори СДСМ упорно го бараше Министерството за здравство, дури и по цена да раскине со коалицискиот партнер Алијансата и со тоа да ја наруши стабилноста на сопствената влада. Според нив, тоа било премногу важно министерство за да се остави на мал коалициски партнер. Дрскоста отиде дотаму што СДСМ безмалку изјави дека во Алијансата или која било друга партија од коалицијата не може да се најде подобар кандидат од предлогот на СДСМ и дека тоа се проблеми со кои само СДСМ знае и умее да се справи. А за што? За на крај да ѝ предложи на туѓа влада да ни ги држи лекарите тука со сила.