Збирката „Млади поети“ повлечена, одговорноста допрва ќе се утврдува


Збирката „Млади поети“ објавена од Агенцијата за млади и спорт е повлечена, изјави директорот на Агенцијата Дарко Каевски. Тој вели дека чувствува морална одговорност што во збирката се наоѓаат песни кои се дискриминаторски и со говор на омраза.

– Како директор чувствувам морална одговорност, но уште повеќе професионална одговорност да се расветли случајот и точно да се детектира вината. Како уредник сум потпишан на изданието, бидејќи и во изминатите четири конкурси директорот бил тој што по функција е уредник на таа збирка – рече Каевски на денешната пресконференција.

Тој вели дека немал увид во содржината и дека не знаел какви песни ќе бидат објавени. Според него, за селектирањето на содржината била одговорна комисијата по состав: претседател Јовица Ивановски и членови Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчовски. Каевски вели дека комисијата освен што ги избрала трите песни за награда, требало во извештајот да ги изнесат сите нивни забелешки, но таму пишувало дека забелешки немаат.

Од друга страна пак, Николина Андова Шопова вели дека тие биле ангажирани само за да ги избера наградените песни, а немале никакви задача да ги селектираат песните кои ќе бидат издадени во печатеното издание.

– Комисијата во која членувавме јас, Јовица Ивановски и Тихомир Јанчовски имаше задача да додели три награди за најдобрите три песни. Тоа беше единствената наша обврска како жири и ние не учествувавме во уредувањето на збирката и селектирањето на песните што ќе бидат застапени. Текстот што го напишав како предговор на збирката го пренесува генералниот впечаток на сите пристигнати песни. А, одлуката за неселективно објавување на содржините, песните нема врска со жири-комисијата. Нашата обврска заврши со наградувањето на три песни. Ги осудувам сите шовинистички, дискриминаторски содржини. Јас ги прочитав тие песни и веднаш беа отстранети и не знаевме дека ќе се објават. Ние сметавме дека печатената верзија ќе подлежи на некаква селекција – изјави Николина Андова-Шопова за „Независен весник“.

Каевски на пресконференцијата рече дека ќе ги искористи сите механизми кои му стојат на располагање за одговорност да поднесе и авторот, извесен Даниел Пиљаковски.

Како што информираше Каевски веќе разговарал и со претседателот на комисијата, а ќе разговарал и со останатите двајца членови.

Проектот за издавање на збирка поезија од повеќе млади автори е започнат пред четири години од претходната власт, Каевски само одлучил дека треба да го задржат овој проект и дека треба да се стимулирасат младите автори да продолжат да пишуваат. На конкурсто каде што се најдоа спорните две песни биле пристигнати 44 песни од различни автори, од кои сите влегова во печатеното издание. Проектот чинел 150 илјади денари со ДДВ. За направените штети Каевски рече дека ќе се надомести и дека сите примероци кои требало да бидат дистрибуирани се стопирани.

 

И.Н.