За „Европа“ и „Фершпед“ олеснети царински постапки


Кондиторската фабрика „Европа“ и шпедицијата „Фершпед“ до крајот на годинава ќе ја добијат лиценцата за овластени економски оператори и за нив ќе важат олеснети царински постапки. Царинската управа и Сојузот на стопански комори пред заинтересираните компании, за да ја промовираат новата алатка, укажаа на поволностите што ги носи добивањето на статусот на овластен економски оператор (ОЕО).

„Статусот ОЕО е меѓународно призната марка на квалитет која укажува дека производителот, извозникот, увозникот, шпедитерот или транспортерот е безбеден и сигурен и дека неговите царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени“, појасни директорот на Царината, Ѓоко Танасоски.

Регулативата за овластен економски оператор не е нова, во 2013 година „Џонсон Контролс“ стана првиот овластен економски оператор, изминативе години оваа алатка не заживеа. Директорот Танасоски рече дека тоа се должи делумно на фактот што Царинската управа не ја промовирала доволно оваа алатка, но и на компаниите кои не пројавиле интерес.

„По измените на законот во јуни сега се во тек измени и на Уредбата за спроведување на Царинскиот закон, со што ќе биде заокружена правната рамка за функционирање на овластениот економски оператор. Истовремено, ние како Царинска управа започнуваме со низа промотивни активности за подигање на нивото на запознавање на компаниите“, рече Танасоски.

Се очекува бројот на лиценцирани економски овластени оператори во Македонија да достигне 150.

Компанијата што ја поседува оваа лиценца добива можност царинските постапки да ги спроведува за минимум потребното време само за проверка на документи а истовремено се намалуваат и трошоците. Ова, како што напомена претседателката на Комората, Даниела Арсовска, ќе им овозможи на компаниите извознички попредвидливи услови за почитување на роковите за испораки а многу е важно и за извозот на земјоделски производи. Компаниите што се занимаваат со транспорт, логистика и шпедиција, доколку ја имаат таа лиценца, им ја забрзуваат постапката и на компаниите извознички кои ја немаат.

Имателите на лиценцата, освен што ќе имаат помал обем на физички и документарни контроли, ќе имаат приоритетен третман кога пратката е селектирана за контрола и можност за избор на место за контрола.

(А.С.)