За девет месеци јавниот долг скокна за 357,5 милиони евра


Расте задолженоста. Последните податоци на Министерството за финансии покажуваат дека јавниот долг на крајот на септември изнесува 5 милијарди и 144 милиони евра и достигна 48,2 проценти од БДП.

На крајот на 2017 година јавниот долг изнесуваше 4 милијарди и 786 милиони евра (47,8 отсто од БДП), а годинава бележи постојан квартален раст – на крајот на март беше 47,6 проценти од БДП, на крајот на јуни – 48,1 процент.

За девет месеци од годинава задолженоста е зголемена за 357,5 милиони евра.

Академик Таки Фити неодамна укажа дека порастот на јавниот долг со оваа динамика за Македонија е неодржлив. Долгот расте многу побрзо отколку што е динамиката на раст на БДП. Јавен долг од над 50 проценти, колку што проектира Владата е неодржлив за Македонија. Според него, голем дел од долгот што сега го имаме е акумулиран од задолжувања за непродуктивни инвестиции и затоа сега тој не се враќа. Фити укажа дека Владата треба да забави со задолжувања на домашен пазар.

На почетокот на годинава Македонија зема еврообврзница од половина милијарда евра.

(А.С.)