Започна фестивалот „Езерски бисери 2018“ во Струга


Меѓународниот арт-фестивал „Езерски бисери 2018“ во Струга им посака добредојде на таленти од Русија, Унгарија, Хрватска, Украина, Словенија, Белорусија, Македонија, Казахстан, Литванија, Србија, Бугарија, Романија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Турција.

Главните фестивалски случувања се во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. В петок 10.8 од 21 ч. ќе се одржи избор за европска убавица, во организација на „Ворлд бјути контест“ (World Beauty Contest) од Москва. Осумнаесетте кандидатки за оваа ласкава титула ќе се претстават во национални костими, во спортско издание и во вечерни тоалети.

Натпреварот во класика и естраден вокал и танци ќе се одржи в сабота, 11.8.2018. во 10 ч., а настапите ќе бидат оценувани од меѓународно жири.

Публиката ќе може да ужива во најатрактивните музички и танц изведби на традиционалниот гала-концерт кој ќе се одржи во недела од 21 ч.

Во рамките на фестивалот, кој трае 7-14.8.2018 ќе се одржат повеќе мастер-класови за учесниците, за кои се организирани и посета на Охрид и Вевчани.

Најдобриот учесник ќе добие награда Гран при, фестивалска статуетка, парична награда од 1.000 долари и оригинални охридски бисери од семејството Филеви.