Законот за јазиците по усвојувањето ќе оди на Венецијанската комисија


Законот за употреба на јазиците откако повторно ќе биде изгласан во Собранието ќе оди на мислење во Венецијанската комисија, по што добиените забелешки ќе бидат вградени во законот.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција го повтори владиниот став дека Законот е во согласност со Уставот на државата и оти е изгласан во демократска атмосфера, со поддршка од мнозинството пратеници. Тој при тоа уште еднаш ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се вратат во Собранието за да учествуваат во амандманската расправа на третото читање на законот која е закажана за понеделник.

– Место каде пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да ги достават нивните предлози е Собранието на РМ. Што се однесува до Венецијанската комисија, Владата уште на 4.08.2017 година донесе заклучок дека Законот по усвојување во Собранието ќе оди цел на мислење до Венецијанската комисија, а кога ќе се врати во Република Македонија постои политички консензус и политичка волја сите забелешки и мислења на Венецијанската Комисија ќе бидат имплементирани во истиот закон, рече Бошњаковски на новинарско прашање.

Тој повтори дека сумата за имплементација на Законот е 106 милиони денари и дека не се предвидени дополнителни трошоци ниту нови работувања туку ќе се користат постојните вработени во државната администрација. Законот откако ќе почне да се применува ќе биде направена дополнителна анализа.

Законот за употреба на јазиците беше донесен на 15 јануари од парламентарното мнозинство во отсуство на опозијата. Претседателот на државата Ѓорге Иванов не го потпиша указот за негово прогласување туку го врати назад во Собранието со забелешки на текстот на законот образложени на 14 страници. Законот повторно ќе биде ставен на гласање пред пратениците на 29 јануари.