Заев: Празнувањето на Божик нека биде причина за неминлива радост
Претседателот на Владата Зоран Заев, по повод верскиот празник Божик – Рождество Христово, денеска упати писмо со честитки до архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан и до сите православни верници.
Во честитката се истакнува дека додека овие денови ја слушаме ангелската песна што го слави раѓањето Христово, ја слушаме и пораката која секоја година повикува да ги подготвиме нашите срца за Неговото раѓање во сите нас.
– Славењето на овој ден не е само спомен на историскиот настан, туку е повик Христос да се роди внатре во нас и од нас да направи подобри луѓе. Срцето на човекот е најсоодветното место за тоа. Овој празник не потсетува да се подготвиме, да направиме место во нашите срца, да го исполниме со радост и љубов, зашто радоста е темел на духовниот живот – се наведува во честитката.
Празнувањето на Божик нека ни биде причина за неминлива радост, за да ја споделуваме со сите, во сите наши претстојни предизвици, се посочува во честитката од премиерот Заев, кој го честита Рождеството Христово.