Заев не планира засега да излезе на нов дуел со Мицкоски


Премиерот Зоран Заев ја отфрли фрлената ракавица од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за нивно ново телевизиско соочување, овој пат на тема „референдум“.
Заев рече дека ќе прифати дебата само ако Мицкоски јавно се изјасни дека е против бојкот на референдумот.
„Се сметам за промотор на дебати. Бојкотирањето на иднината на макединските граѓани не претставува основ за таква дебата во овој момент. Кога Мицкоски јавно ќе каже дека е против бојотот веднаш ќе го прифатам бараниот ТВ- дуел“, изјави Заев по денешната средба со косовскиот претседател Хашим Тачи.
Мицкоски, по синоќешната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, меѓудругото, упати апел до Заев повторно да се соочат на дуел. Лидерите на двете најголеми партии излегоа на дебата пред околу четири месеци, исто така на барање на Мицкоски, но во други политички околности. По многу години, тоа беше прво јавно соочување меѓу претседател на владата и шеф на опозицијата. (Н.К.)