Заев најави повисок минималец, Синдикатот за усогласување со просечната плата


Годинава ќе се зголеми минималната плата. Веста ја кажа премиерот Зоран Заев, но детали не даде. Неофицијално, на Економско-социјалниот совет било предложено минималната плата да се усогласува соодветно на растот на БДП, зголемувањето на просечната плата и зголемувањето на потрошувачката кошничка. Она што со овој предлог останува проблематично е што, во тој случај, би се правело со скалестото усогласување на платите.

Премиерот само ја нафрли информацијата:

„Минатата година ја завршивме со просечна плата од повеќе од 24 илјади денари или 400 евра. Можам да најавам дека дополнително ќе донесеме одлука за зголемување на минималната плата бидејќи со нејзиното зголемување почна спиралата на раст на просечната плата што траеше до септември, а видовме дека продолжи и потоа“, изјави Заев, а на прашањето кога ќе се донесе одлуката и колкава ќе биде минималната плата изјави дека ова е само најава.

Во декември лани, во организација на Меѓународната организација на трудот (МОТ), се одржа трипартитна средба на која учествуваа и претставници на Сојузот на синдикати и на Министерството за труд и социјална политика, посветена на минималната плата.

Тогаш беше кажано дека со минималната плата од 12.165,00 денари во ноември 2018 година, се покриваат само 37,38 отсто од трошоците пресметани во минималната синдикална кошница, која за ноември 2018 година изнесува 32.545,00 денари, а пак работникот ако ја прима просечната плата која е исплатена во државата во септември 2018 година (септември е последен податок од ДЗС) во износ од 24.355,00 денари, со истата ќе може да намири 74,96 отсто од најнеопходните потреби на неговото четиричлено семејство (32.492,69 денари). За да ја обезбеди вкупната вредност на производите и услугите вклучени во пресметката на кошничката, му недостигаат 33,41 отсто од просечната плата – односно номинален износ од 8.137,00 денари.

„Податоците покажуваат дека постои оправдана потреба од зголемување на минималната плата и Сојузот на синдикатите на Македонија во идниот период ќе понуди модел како истата оправдано да расте во рамки кои ќе бидат во интерес на работниците, а нема да предизвикуваат големи финансиски импликации кај работодавачите“, велат од ССМ. (А.С.)