Заев најави активности за отварање, но и затварање на амбасади на РМ


Премиерот Зоран Заев денеска во Охрид најави активности за отварање, но и затварање на амбасади на РМ, зависно од потребите.

– Верувам дека барем на две три места имаме амбасади од кои немаме полза, а немаме во земји каде има потреба. Тоа е последица делумно и на политичката пенетрација и влијание кое сакаме да го оствариме, и вториот дел можеби поважниот – за економското влијание. Моментално заедно со потпретседателот за економски прашања, со министерот за надворешни работи и министерот за економија разговараме за економските аташеа, сакаме да ги вратиме онака како што ги има секоја земја, рече Заев.

Тој не прецизира конкретно каде би требало да се затворат одредени дипломатски претставништва, но ги посочи Азербејџан и Јордан како земји со големи потенцијални пазари за македонските производи каде што Македонија треба да биде посоодветно претставена.

Прашан за индициите за злоупотреба на државни пари при купување објекти за амбасади и дипломатски претставништва на РМ низ светот, Заев рече дека институциите се должни да тоа го процесуират до надлежните истражни органи.

– Ако има одговорност, ако се потврдат злупотреби, секако ќе се процесуираат самите предмети, ако има виновен ќе одговара, рече премиерот.