Заев за приведениот од МВР: Нема место за толеранција на какви било незаконски дејства


Во врска со приведувањето на вработениот функционер во МВР, пред малку на „фејсбук“ се огласи и премиерот Зоран Заев.

„Не ги знам сите детали за случајот со осомничениот вработен во Кабинетот на министерот за внатрешни работи, но ги охрабрувам институциите да спроведат темелна и професионална истрага и да носат одлуки базирани на факти. Нема место за толеранција на какви било незаконски дејства. Институциите мора да бидат целосно посветени во служба на граѓаните и во функција на владеењето на правото“, напиша премиерот на неговиот „фејсбук“ профил.

Во меѓувреме, сѐ уште нема комплетна информација за случајот од Основното јавно обвинителство.

Дел од медиумите неофицијално објавија дека Д.С., бил уапсен за мито и оти претендирал за директорската позиција во СВР Скопје. Станува збор за долгогодишен припадник на МВР кој од влегувањето на Спасовски во министерскиот кабинет во техничката влада е назначен и за советник. Бил и во комисијата на МВР за надзор на  приватните агенции за обезбедување.

Д.С. по налог на ОЈО беше приведен вчера попладне во полициската станица Кисела Вода, под сомнение  сторено кривично дело по член 353 од Кривичниот законик „злоупотреба на службена положба и овластување“.