ЗАЕВ ВО ДАВОС: Во фокусот првата директна средба со Ципрас


Зајакнување на односите меѓу двете земји во контекст на градењето мерки на доверба изминатиот период, како и анализа на досега постигнатото во обновените преговори меѓу Македонија и Грција за прашањето за името, ќе бидат во фокусот на утрешната прва директна средба на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега Алексис Ципрас, која ќе се одржи на маргините на Светскиот економски форум во Давос.

Заев од утре до 26 јануари ќе учествува на годинашниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, на кој оваа година учествуваат шефови на држави и влади, други државни претставници, како и лидерите на најголемите компании во светот.

Заев, како што соопшти Владата, ќе има средба и со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Средбата е планирана за в петок.

Истиот ден во агендата на премиерот Заев е и средбата со директорката за Европа на Светскиот економски форум, Мартина Ларкин.

Во текот на Светскиот економски форум во Давос премиерот Заев ќе ги проследи специјалните обраќања на Емануел Макрон, претседател на Франција, Жан Клод Јункер, претседател на Европска Комисија, Тереза Меј, премиерка на Велика Британија, Бенџамин Нетанјаху, премиер на Израел, и на германската канцеларка Ангела Меркел.

Премиерот Заев ќе учествува во панел дискусии и работни средби со економски лидери од светот и со други високи гости од регионот, ЕУ и САД.

За време на престојот во Давос Заев ќе има и повеќе други работни состаноци и билатерални средби со потенцијални инвеститори, бизнис лидери и соработници.