Загајевски го прими „Златниот венец“ на СВП


Полскиот поет Адам Загајевски вечерва го прими најпрестижното признание на Струшките вечери на поезијата „Златен венец“ на меѓународниот поетски митинг „Мостови“. На Мостот на поезијата беа врачени и наградите „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ со што заврши официјалниот дел од 57. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Загајевски е 53-ти добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лавров венец. Во неговата поезија најчест мотив е егзилот, а себе си се опишува како тивок и повлечен човек. Признанието му го додели директорот на фестивалот Мите Стефоски.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2018 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на Струшки вечери на поезијата му беше доделена на професорот и поет Зоран Анчевски за стихозбирката „Небеска пантомима“, а ја врачи претседателот на жири-комисијата Данило Коцевски. Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант, претседателот на Управниот одбор Елизабета Шелева му го врачи на поетот Пауло Тапио.

Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг ќе настапат и поети од разни страни на светот, а Струга деновиве по 57-ми пат е престолнина на поезијата.

Педесет и седмиот поетски фестивал свечено беше отворен во средата со традиционално читање на Константиновата „Т`га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата во Струга. Деновиве во поетска Струга гостуваат 30 поети од 29 земји во светот и околу 50 поети од Македонија.

Во рамки на Струшките вечери на поеизјата утре ќе има поетско матине на Матка, а вечерта на плоштадот „Македонија“ во близина на Камениот мост ќе се одржи поетски митинг.