Жолт картон за „шарените“


Додека на „Илинденска“ се одлучуваше за иднината на директорот на Агенцијата за туризам, четири километри јужно од зградата на Владата, еден друг директор, и тоа на Македонскиот народен театар, предизвика сообраќајна несреќа во пијана состојба. И двајцата повеќе не се на чело на институциите што ги раководеа до пред два дена. Воглавно, и двајцата поради неодговорност: едниот леташе со бизнис класа на саем во Аргентина, другиот „леташе“ со чашките алкохол во себе. Преку нивните примери, Владата сакаше да испрати порака дека секој ќе сноси одговорност за своите грешки. Но, Александар Донев и Драган Спасов-Дац ги поврзува уште една работа: двајцата беа истакнати членови на „шарената револуција“, која ги предводеше уличните протести против старата власт, за потоа да се преточи во телата на актуелната.

Граѓаните и јавноста, која се почувствува изневерена со брзото прешалтување на револуционерите во државни чинители и во крути следбеници на политиките на актуелната власта на сметка на прогресивните ставови што ги гаеја до вчера, не е на чисто дали првите жолти картони за „шарените“ се чиста коинциденција и последица на настаните, обид да се дисциплинираат потенцијалните грешници и непослушници или, пак, едноставно почитување на редот и правилата.

Здравко Савевски, еден од лидерите на „Левица“ е жесток критичар на ешалонот административци мобилизирани од „шарената револуција“, на која и тој и припаѓаше. Вели дека не му пречи тоа што дел од неговите „соборци“ станале дел од власта, туку тоа што ги погазиле принципите на кои што се колнеле до вчера. Веднаш по смените на Спасов и на Донев, заклучи дека „СДСМ сака да ги скастри ‘шарените’ што решија да им слугуваат.
„Има веќе неколку индиции во таа насока. Веројатно поради клиентелистичката глад и завист од базата, а можеби е поради беден обид за пренасочување на бесот на јавноста. Ех, што ти е ароганција на моќта. Кога ќе ти текне, фрли ги на буниште и своите верни слуги. Но, тоа е индикација дека СДСМ не знае каде тера, а наедно и поука за оние што така лесно заради фотелја побрзаа да си ги погазат принципите“, смета Савески.
Тој објаснува дека Донев и Спасов морало да си поднесат оставка, настрана што едниот не ни помислуваше на тоа, а другиот го стори тоа откако ја слушна реакцијата на Владата. Но, се сомнева дека станува збор за обид на СДСМ да го пренасочи бесот на јавноста кон тие што ги предадоа принципите на „шарената револуција“.

„Не треба да се заборави ниту контекстот на случувањето. Тоа со Спасов не можеа да го планираат, ама Донев белјата ја направи пред два месеци. Не реагираа тогаш, а сега го сменија кога се засилуваат преговорите околу името, кога не се исполнети економските ветувања што ги даваа, кога нема подобар животен стандард“, анализира Савески за „Независен весник“.

Пратеникот Павле Богоевски, кон кого се насочени најголем дел од критиките поради тоа што „од улица“ се пресели во парламентарните клупи и стана дел од новата владеачка гарнитура, не мисли дека смените на двајцата директори од редовите на „шарените“ е смилен потег на водството на „Илинденска“.
„Не сметам дека Владата упатува порака до ‘шарените’, но се надевам дека ова е тренд на повикување на одговорност на сите оние што нема да постапат согласно принципите што нѐ врзуваат и оти тој тренд ќе продолжи и ќе важи еднакво кон сите без оглед дали се дел од партија, движење или нешто трето“, ни изјави Богоевски.

На прашањето зошто Донев е сменет дури сега, а не кога случајот беше актуелен, одговара дека не знае и дека тоа зависело од агендата на Владата. Околу оставката на Спасов вели дека е очекувана, но оти сега треба будно да се следи постапката на полицијата и на органите на прогонот, бидејќи не смее да има никаква толеранција за такво однесување.

Од формирањето на Владата на 31 мај минатата година, ова се единствените две смени на државни функционери. Претходно, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски беше сменет од местото претставник на Акционерското собрание на „Телеком“. Членовите на Државната изборна комисија, односно осум од нејзините девет члена поднесоа оставки откако јавноста дозна дека си делеле хонорари за работата за која се платени од граѓаните и државниот буџет.
Горан Адамовски